Фото: Shutterstock.com

По Европската Унија, која едноставно донесе закони кои ИТ компаниите мора да ги почитуваат, сега и американските власти „доаѓаат“ против Apple, во овој случај со тужба.

Дека вакво нешто се подготвува се шпекулира веќе подолг период, па Министерството за Правда на САД конечно излезе со официјална тужба против највредната компанија во светот.

Кратко кажано, со тужбата се тврди дека Apple имаат монопол на пазарот на смартфони и оваа позиција ја користат за да ја задржат истата, а со тоа им наштетуваат на програмерите, бизнисите и на крајот на корисниците.

Министерството за Правда тужбата ја поднесува заедно со 16 други државни и окружни јавни обвинители, а истата е поднесена во Американскиот Окружен Суд во Њу Џерси.

„Во жалбата, поднесена во Окружниот суд на САД за округот Њу Џерси, се наведува дека Apple незаконски одржува монопол над паметните телефони со селективно наметнување договорни ограничувања и задржување на критичните пристапни точки од програмерите. Apple ги поткопува апликациите, производите и услугите што инаку би ги направиле корисниците помалку зависни од iPhone, промовираат интероперабилност и ги намалуваат трошоците за потрошувачите и програмерите. Apple ја користи својата монополска моќ за да извлече повеќе пари од потрошувачите, програмерите, создавачите на содржини, уметниците, издавачите, малите бизниси и трговците, меѓу другите. Преку оваа тужба за монополизација, Министерството за правда и државните јавни обвинители бараат да ја вратат конкуренцијата на овие витални пазари во име на американската јавност.“  – стои во дел од најавата на тужбата од страна на Министерството за Правда.

Од Министерството даваат и неколку примери за „однесувањето“ на Apple:

  • Блокирање на иновативни супер апликации. Apple го наруши растот на апликациите со широка функционалност што би им олеснило на потрошувачите да се префрлаат помеѓу конкурентните платформи за паметни телефони.
  • Потиснување на услугите за „стриминг преку облакот“. Apple го блокираше развојот на апликации и услуги за стриминг преку облакот кои ќе им овозможат на потрошувачите да уживаат во висококвалитетни видео игри и други апликации базирани на облак без да плаќаат за скап хардвер за паметни телефони.
  • Исклучување на апликациите за пораки од различни платформи. Apple го направи квалитетот на пораките меѓу платформите полош, помалку иновативен и помалку безбеден за корисниците, така што неговите клиенти мора да продолжат да купуваат iPhone-и.
  • Намалување на функционалноста на паметните часовници што не се на Apple. Apple ја ограничи функционалноста на паметните часовници од трети страни, така што корисниците кои купуваат Apple Watch се соочуваат со значителни трошоци доколку не продолжат да купуваат iPhone.
  • Ограничување на дигитални паричници од трета страна. Apple ги спречи апликациите од трети страни да нудат функционалност за плаќање на допир, спречувајќи го создавањето дигитални паричници од трета страна.

Се додава дека во тужбата се опфатени и други примери кои се поврзани со интернет прелистувачите, видео комуникацијата, претплатата за новости, забавата, автомобилската индустрија, рекламирањето, сервисите со локација и повеќе.

„Потрошувачите не треба да плаќаат повисоки цени бидејќи компаниите ги прекршуваат антимонополските закони“, рече државниот обвинител Мерик Б. Гарланд. „Ние тврдиме дека Apple ја задржа монополската моќ на пазарот на паметни телефони, не само со тоа што остана пред конкуренцијата поради заслуги, туку со кршење на федералниот антимонополски закон. Ако не бидат спречени, Apple само ќе продолжи да го зајакнува својот монопол за паметни телефони. Министерството за правда енергично ќе ги спроведува антимонополските закони кои ги штитат потрошувачите од повисоки цени и помал избор. Тоа е законска обврска на Министерството за правда и она што американскиот народ го очекува и заслужува“. – истакнуваат од Министерството за Правда.

Во изјава за MacRumors од Apple даваат одговор на тужбата:

„Во Apple, секојдневно иновираме за да направиме технологијата која луѓето ја сакаат – дизајнирајќи производи што функционираат беспрекорно заедно, ја штитат приватноста и безбедноста на луѓето и создаваат магично искуство за нашите корисници. Оваа тужба го загрозува тоа кое сме и принципите што ги издвојуваат производите на Apple на жестоко конкурентни пазари. Доколку успее, тоа би ја попречило нашата способност да создадеме технологија каква што луѓето очекуваат од Apple – каде што се вкрстуваат хардверот, софтверот и услугите. Тоа, исто така, би поставило опасен преседан, охрабрувајќи ја владата да преземе „тешка рака“ во дизајнирањето на технологијата на луѓето. Сметаме дека оваа тужба е погрешна според фактите и законот и енергично ќе се браниме од неа.“

ИЗВОРMacRumors
Претходна статијаБогата понуда од изложувачи и голем интерес од посетители – искористете го претстојниот викенд за посета на Саем на мебел 2024 година
Следна статијаДвомесечен курс за цртање и сликање за возрасни
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.