Познатата компанија Avast, најпозната по својот бесплатен антивирусен софтвер, се наоѓа во вестите неколку пати досега поради наводна злоупотреба на приватноста на своите корисници.

Прво можевме да прочитаме дека податоците кои ги собираат нивните додатоци за прелистувачите, наменети за заштита од малициозни веб страни, собираат многу повеќе податоци за сурфањето на корисниците од што би било потребно за завршување на работата, односно заштитата на корисниците.

Оваа недела можевме да го прочитаме истражувањето од страна на Motherboard и PCMag кои преку документи до кои имаат дојдено, откриваат дека Avast, во чија сопственост е и познатиот AVG, ги продава информациите за корисниците преку нивната фирма ќерка Jumpshot на други големи компании како Google, Microsoft, Pepsi и слични, за милиони долари.

Овие податоци се продаваат без нивна поврзаност со конкретни корисници, односно тие се анонимни, но од Motherboard и PCMag тврдат дека сепак доколку се сака, можно е нивно поврзување со корисниците, а не е познато на кој начин Avast врши деидентификација на податоците.

Од Avast решија да излезат со одговор на овие пишувања, па тие преку блог објава објаснуваат што е тоа што се случува. Истакнуваат дека тие не ја кријат оваа практика и дека ги почитуваат GDPR законите и слични на нив, со тоа што корисниците мора да се согласат на собирањето на податоците за да истото се прави.

Од компанијата истакнуваат дека корисниците може да бидат сигурни дека продажбата на информациите никогаш не се прави со можност истите да бидат поврзани со конкретни корисници.

Тие исто така истакнуваат дека нивната Jumpshot компанија нуди иновативни начини како маркетинг компаниите дојдат до податоци за анализа на трендовите, статистики за купувачките навики на корисниците и слично, но сето тоа без можност за идентификација на конкретен корисник.

Корисниците можат да изберат да не им бидат собирани информациите при вклучувањето на модулот за заштита при сурфањето кај бесплатната верзија од Avast, а истото можат да го направат и преку прилагодувањата на апликацијата во било кое време.

ИЗВОРPCMag
Претходна статијаНово истражување: Менталното здравје на младите во време на дигитализација (дел 1)
Следна статијаЗошто е одлично тоа што Нобеловец признава грешка?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.