Френсис Арнолд е научник во Калтех (Caltech) и добитник на Нобелова награда за особени достигнувања во областа на хемијата. Таа ја доби оваа награда во 2018, а научниот труд кој и го трасира патот до ова постигнување бил објавен уште во 1993 година. Но, во последно време е актуелна поради тоа што објави дека таа и нејзините коавтори го повлекуваат научниот труд објавен во мај 2019, неколку месеци откако и беше доделена Нобеловата награда.

Ретко се случуваат овие работи. Арнолд е дел од една мала група научници кои го направиле истиот потег. Се прашувам дали тоа е од причина што 1) не се случува често научници да грешат кога ги истражуваат и пишуваат своите научни трудови 2) често се случуваат грешки, но никој не се труди да провери два пати, ниту пак да објави дека згрешил или 3) дека научните трудови не се доволно „храбри“ па да има некоја шанса за ваква грешка.

Ако морам да погодувам, ќе ја одберам втората опција, тоа дека грешките најчесто не се пријавуваат или не се детектирани. Арнолд прави преседан во овој случај, и не само што не и штети на науката на овој начин, мислам дека само прави добро. Односно, отвора простор за некој друг да улета со свои експерименти во областа, поучен од грешките на тимот на Арнолд (изгледа дека некој студент од истражувачкиот тим зезнал, а она немала време темелно да ги провери податоците). Ни требаат повеќе научници и автори како Арнолд, а помалку како веќе невидливиот Јона Лерер. Да сум во одборот на Нобел, нема воопшто да се сомневам во одлуката за наградување на Арнолд. Ќе бидам уште посигурен дека сум ја донел правилната одлука.

Вредноста на научниците и секој кој се занимава со истражување не треба да се бара во нивното совршенство, туку во интегритетот кој го покажуваат кога се соочуваат со неуспех. Мотото на Френсис Арнолд е „Не сум совршена, но доволно сум добра.“ Убаво е да живееш со такво мото.

Претходна статијаAvast одговори на пишувањата за продажбата на информациите кои ги собираат за нивните корисници
Следна статијаMozilla Thunderbird ќе продолжи да функционира во новоформирана компанија