tablet-phone-2x

Google официјално го претстави Android for Work, програма која што ќе овозможи полесно менаџирање на паметните телефони од страна на ИТ секторот во компаниите. За што точно се работи ?

Повеќето корисници и сега ги носат своите мобилни телефони на работа. Меѓутоа тие телефони ги користат за нивните приватни потреби, односно немаат инсталирано одредени корпоративни апликации или пристап до мрежата поради сигурносни причини. Компаниите доколку сакаат да овозможат таков пристап за одредени вработени, најчесто се решаваат за доделување на службен телефон кој што ќе биде наменет за работа.

Со Android for Work, било кој телефон може да се користи и за деловните работи, а ИТ секторот може да биде сигурен дека нема да биде загрозена корпоративната мрежа. Тоа исто така ќе овозможи корисниците да можат да ги користат нивните приватни телефони за деловни работи, без двете активности да се мешаат меѓусебно.

Она што го прави Android for Work е креирање на посебен деловен профил на телефонот кој што работи на најновата верзија од оперативниот систем, 5.0 Lollipop. Овој профил ќе биде целосно контролиран од страна на ИТ секторот во компанијата кој што ќе има можност да одредува кои апликации ќе можат да бидат инсталирани, истите да ги брише и слично. Податоците на деловниот профил ќе бидат заштитени и енкриптирани, како и целосно контролирани од страна на ИТ секторот.

Корисниците ќе ги имаат и своите приватни апликации паралелно со деловните кои што ќе зафаќаат посебни делови од меморијата на уредот. Тие ќе се разликуваат по иконата која што ќе биде означена со посебен додаток за деловните апликации.

security-2x

За постарите верзии од Android, односно од 4.0 па нагоре, кои што не доаѓаат со поддршката за посебни деловни профили, Google ќе овозможи посебна Android for Work апликација. Преку оваа апликација ќе бидат достапни заштитена email комуникација, контакти, документи, интернет прелистување, како и пристап до одобрени деловни апликации. Оваа апликација исто така ќе биде целосно менаџирана од страна на ИТ секторот на компанијата.

Овој начин на работа на Android уредите додава на сигурност при користењето на било кој уред во корпоративната мрежа преку разните апликации и слични пристапи. ИТ секторот ќе има увид и контрола на тој дел од оперативниот систем и ќе може во секое време да ги брише работите без притоа да ги загрози останатите приватни работи на корисникот.

Покрај ова, достапна ќе биде и посебна Play продавница за апликации наречена Google Play for Work преку која што ИТ секторите ќе може да одлучуваат кои апликации да им бидат достапни на корисниците да ги инсталираат.

Извор: Google, Android for Work

Претходна статијаSony го претстави новиот Xperia Z4 ултра тенок таблет
Следна статијаAndroid со апсолутна доминација на пазарот за паметни телефони
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.