Шоуто најчесто предупредува за опасностите кои можат да дојдат од различни страни: злобна вештачка интелигенција, опасноста од премногу реална виртуелна реалност и други интересни сценарија. Креаторите имаа и успешен обид во наметнување на нови начини на кои можеме да ги гледаме филмовите. Bandersnatch беше пример токму за тоа – имавме можност да бираме во која насока ќе се движи приказната.

Мислам дека првите три сезони беа фантастични, и понудија повеќе феноменални епизоди. Четвртата сезона беше исто така солидна, со мало отскокнување на квалитетот во споредба со претходните сезони.

Најновата, петта сезона, го има истиот продукциски квалитет на кој сме навикнати. Но, во поглед на приказната, имам впечаток дека квалитетот оди надолу.

Striking Vipers

Првата епизода се фокусира на подзаборавеното пријателство помеѓу двајца мажи. Пријателство кое е прикажано како исполнето со играње видео игри до раните утрински часови.

Едниот (Дени) од двајцата пријатели, станува семеен човек кој повеќе не излегува и единствената забава ја искусува кога машината за перење садови му наредува да ги измие чиниите пред да ги стави внатре. Другиот (Карл) е прикажан како „плејбој“ кој работи за издавачка куќа.

Кога Карл ќе дојде на роденденската забава на Дени, со себе носи подарок. Нова видео игра (Striking Vipers) која се игра преку уред за виртуелна реалност. Карл гарантира дека играта е „mind-blowing”.

Истата вечер, двајцата одлучуваат да играат еден против друг. Играта е налик Mortal Kombat, а Дени се уверува дека играјќи во виртуелна реалност е неверојатно искуство. Ликот со кој игра Карл е женско, а ликот на Дени е машко. Тие почнуваат да се тепаат во играта, но ненадејно прекинуваат кога нивните аватари ќе почнат да се бакнуваат.

Дени е вџашен, но и заразен од возбудата. Двајцата „играат“ уште повеќе пати, имајќи секс во играта наместо да се тепаат еден со друг. Притоа, животот на Дени претрпува последици поради неговата нова зависност. Сексот со неговата сопруга веќе не го возбудува. Се што сака е да биде постојано во виртуелната игра. На крајот, се откажува од играње за да го спаси своето семејство од распад. Карл се обидува да го предомисли. Двајцата се среќаваат во темна уличка и одлучуваат да тестираат дали се геј со тоа што кратко се бакнуваат. Наоѓаат дека воопшто не се геј.

Пресуда

Епизодата ме изненади, на негативен начин. Првите 15 минути ветуваа. Идејата за влегување во виртуелен свет и играње на Мортал Комбат звучи возбудливо, и многу опасно. Ми изгледаше дека Дени ќе заглави во играта, што ќе беше далеку поинтересно од приказната што ја добивме. Наместо тоа, епизодата беше порака дека зависноста од порно филмови може негативно да влијае на нашите сексуални животи. Порака дека виртуелната реалност може само да ја зајакне оваа зависност.

Крајната одлука на ликовите да истражат дали се геј е тотално апсурдна и комична. А тоа е мојот генерален впечаток за оваа епизода. Интересна идеја која отиде во провалија со неискористен потенцијал на приказната и потенцијалот на глумците што одлично си ја завршија работата со материјалот што го имаа.

Оценка: 5/10

Претходна статијаКако практично ќе се реализира изјавата на Трамп за „олабавување“ на забраната за соработка со Huawei
Следна статијаHuawei го претстави извештајот за одржлив развој за 2018 година со фокус на дигиталната инклузија