Не мислев дека толку многу ќе ми се допаѓа Приказна за еден брак. Прво бев скептичен, но љубопитен – веќе беше номиниран за Златен Глобус за најдобар филм, а и за најдобра машка и женска главна улога. Лонг стори шорт, на крајот испадна дека филмот е совршен. Стварно, немам ниту една замерка и негативна критика.

Чарли (Адам Драјвер) и Никол (Скарлет Јохансон) (за нивната глума малку подоцна), се брачен пар што поминува низ развод. И двајцата се успешни уметници, тој е театарски режисер, таа глумица. Имаат осумгодишно момче што сакаат да го заштитат од траумите на нивното разделување, но не можат да се заштитат еден од друг од истите тие трауми.

Приказната е позната, и евоцира спомени на Крамер против Крамер, уште едно ремек-дело на слична тематика. Постојат многу филмови што се обидуваат да ја обработат истата приказна, но не се ни блиску до нивото на Marriage Story. Кога го гледаш филмот, сочувствуваш со ликовите, а режисерот вешто го уредил филмот за да посвети доволно внимание на тоа низ што поминуваат и двајцата родители.

Добиваме и впечаток за тоа како е дизајниран правниот систем во САД. Односно, како тој го вади најлошото од паровите што се разведуваат. Чарли и Никол на почетокот одлучуваат да не мешаат адвокати во нивната разделба, и наместо тоа да го завршат процесот на мирен начин. За жал, не успеваат да одат со таа одлука до крај. И тоа носи болка во нивните животи.

Сонот на Чарли е да остане во Њујорк и таму да ја развива својата кариера на режисер. Тоа му е дома и не сака да прави драстични промени во својот живот. Никол има различен сон. Таа сака да се пресели во Лос Анџелес и таму да ја продолжи својата кариера. Никој од нив не е спремен за компромис.

Што да кажам за глумата. Да не беше Жоакин Феникс и неговиот Џокер, Адам Драјвер веројатно ќе беше прв на мојата листа за најдобар глумец. Дури и Драјвер да го победи Феникс на Оскарите, ќе бидам ОК со таквата одлука. На слично ниво е и Скарлет Јохансон. Не сум некој голем нејзин фан, не ми оставила посебен впечаток во ниту еден филм, ама овде растури. За да добиете впечаток зошто вака ги воспевам и двајцата, гледајте ја сценава подолу.

Предобар филм, фантастична глума. Заслужено номиниран во секоја поважна категорија.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.