Препорака на филм: Светилник

Светилник не е филм за секој. Но на оние кои ќе им се допадне, ќе им се вреже во мозок подолг период

Светилник (The Lighthouse) е одличен филм ако сакате да ве потресе малку не-стандарден стил на филм во дождлива ноќ.

Станува збор за филм на режисерот Роберт Егерс (негов е и одличниот хорор The Witch) за двајца (?) чувари на светилник лоциран во некое тотално отсечено мало островче во сред море во Нова Шкотска. Одличните Роберт Петисон и Вилијам Дефо се главни улоги – и единствени, со исклучок на 2-3 сцени во кои се појавуваат други два ликови – и се се врти околу нивното бавно полудување во нивната осаменост. Придружени и од агресивни галеби, рум (плус керозин како залиха за „црни дани“) и депресивно и тешко време, филмот потсеќа и малку на театарска изведба во која гледачот пополека се губи во приказната, но ужива во сетингот.

Инаку филмот е црно-бел, сниман со т.н. 1.19:1 сооднос на звук-филм, со позадински репетитивни звуци од светилникот, галебите и разбеснетите бранови кои се кршат во карпите од островот.

Како и претходниот филм на Егерс – па и повеќето кои се поддржани од продуцентската куќа А24 – Светилник добива повеќе на смисла ако внимаваш (или прочиташ после филмот објаснување) за скриените симболики. Во горната сцена се споменуваат двајца богови од Грчката митологија, Прометеј и Протеј кој бил еден од првите богови-чувари на морето, стар чувар на знаењето и пријател на морските зверови кој знаел се што може да се знае за морето, но не го делел знаењето со никого (за Прометеј е попозната митологијата, односно бил скроз обратен, сакал да го сподели знаењето/огнот со луѓето). Замислете приказна помеѓу овие двајца богови, во тела на нормални луѓе, во чуден сетинг – и го добивате филмот на Егерс. Отприлика.

Не би можел повеќе да зборувам повеќе без да откријам битни детали или значења (во множина, повеќе се) кои или ќе ги приметите додека ги гледате или ќе ги дознаете откако ќе го изгледате филмот.

Светилник не е филм за секој. Тоа е сигурно. Но исто што можам да гарантирам е дека на оние кои ќе им се допадне, ќе им се вреже во мозок подолг период. На крај, одличната глума на Дефо и Петинсон (сакате да го видите Дефо како лае како куче и цитира 10-реда долги реченици како стар морнар?) е доволна причина да се погледне филмот.

Претходна статијаКриптовалути од централни банки: Добра или лоша идеја? (дел 1/3)
Следна статијаКако Коронавирусот го промени животот во Кина
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.