Shutterstock.com

Пред некој ден Шведската централна банка објави дека заедно со Асенчр иницираат пилот-проект за е-крона, национална дигитална валута (central bank digital currency),или скратено CBDC. Пилот-проектот ќе трае до февруари 2021 година, по што ќе се одлучи дали и официјално Шведска ќе издава национална дигитална валута. Според white paper-от на Riksbank, шведската централна банка, „е-кроната би била комплеметарна на кешот [кој значително се намалува во Шведска] … и би го намалила ризикот од ослабнување на официјалната валута од страна на конкурентни приватни валути“. 

Како и кроната, е-кроната ќе се издава само од Riksbank. Во прва фаза, е-кроната ќе се дистрибуира до банките, а банките до граѓаните. Основајќи се на блокчеин технологијата плаќањата од дигитален новчаник на дигитален новчаник, односно од сметка на сметка би биле инстант и едноставни како праќање текст порака на Месинџер. Системот е сепак национализиран (со крипто речник, „приватен“) и за разлика од Биткоин, не е permissionless, односно ќе може да го користат само оние кои ќе добијат дозвола од Riksbank.

Самата природа на националните дигитални валути е таква што истите се со ограничена транспарентност (благо кажано), имаат централизирана природа (central point of failure) со што се зголемуваат ризиците за хакови како и се подложни на цензура и политички манипулации.

Сепак, во неодамнешно истражување од Bank for International Settlements (централната банка на централните банки) беше објавено дека 10% од централните банки најверојатно ќе издадат CBDC за краток период и 20% од централните банки планираат да го сторат истото на среден рок. Скоро сите централни банки (80% од централните банки глобално) работат на ова поле а дури 30% се во некоја фаза на концепт и експериментирање (Шведска, Индија и Кина се во фаза на пилот проект).

Официјално(!!), причините за овој маневар на централните банки се подобрување на ефикасноста на платните системи, безбедноста на плаќањата како и подобра контрола на протокот на финансии (Know Your Customer и спречување финансирање тероризам).  Во суштина, централните банки ќе се борат за својот монопол врз монетарните политики кој донекаде е загрозен од Биткоин. Се позиционираат да ги искористат придобивките од новата технологија, во корист на сите, но, уште поважно, за политички етатистички цели (мониторинг, контрола на движењето на парите, манипулација на монетарните политики, итн.).

Сепак, без разлика на желбите, битката ќе се води околу тоа кој, централните банки или приватниот сектор, ќе понуди подобар „дигитален кеш“ како замена за кешот кој се помалку (ќе) се користи со напредокот на технологијата.

Претходна статијаНеколку работи што ја одбележаа 2019
Следна статијаПрепорака на филм: Светилник
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.