Apple изминатите година и нешто почна да воведува функции кои се насочени кон подобрување на приватноста на корисниците. App Tracking Transparency им овозможува на корисниците да побараат од апликациите или целосно да ја исклучат можноста, да не ги следат нивните активности на другите апликации кои се инсталирани на телефонот.

Информациите сепак укажуваат на тоа дека Apple не ја спроведува оваа функција строго како што се најавуваше, па компаниите повторно имаат пристап до одредени информации, иако не до конкретниот корисник.

Со пуштањето на 15.2 верзијата од iOS и iPadOS, Apple продолжи со додавање на функции поврзани со приватноста, па ја претстави App Privacy Report. Ова може да се каже дека е одлична функција која ќе им овозможи на корисниците да добијат подобра претстава за што е тоа што се случува на нивниот телефон, односно до кои информации пристапуваат апликациите.

App Privacy Report е поделен на четири делови, односно Data & Sensor Access, App Network Activity, Website Network Activity и Most Contacted Domains.

Исто така, App Privacy Report не е вклучен автоматски, па ќе мора прво да се вклучи пред да почне да ги „снима“ активностите на апликациите. Се вклучува преку Settings > Privacy > App Privacy Report. После првото вклучување нема да има никакви информации, односно треба да се почека одреден период за да апликациите почнат да пристапуваат до ресурсите.

Data & Sensor Access

Во овој дел може да се види листа од апликации кои пристапуваат до податоците на корисникот, како и до сензорите на телефонот. Тоа значи дека може да се видат апликациите кои пристапуваат до контактите, на пример, односно апликациите кои пристапиле до локацијата на корисникот или го користеле микрофонот.

Листата се прикажува според тоа која апликација последна пристапила до одредени информации, но може да се намести и да биде прикажана алфабетски.

Од нашиот пример, може да се види дека последна апликација која има пристапено до одредени информации е Mail од Apple, која има пристапено од контактите. Доколку се притисне на некоја од апликациите во листата, може да се види историја на сите информации кои ги има искористено таа апликација изминатите седум дена.

App Network Activity

Во овој дел може да се види листа од апликациите кои пристапуваат на интернет, односно со кои домени тие комуницираат. Во нашиот случајот може да се види дека на првото место е Facebook, а покрај домените или IP адресите со кои комуницира апликацијата, може да се видат и страните кои ги имаме отворено преку оваа апликација.

Website Network Activity

Ова е уште еден корисен дел од оваа нова функција каде може да се видат сите домени со кои комуницираат веб страните кои се отвораат преку мобилниот. Секоја страна во себе содржи код кој служи за прикажување на реклами, следење на статистики и слично, па како што може да се види од листата, страните комуницираат со повеќе други страни.

Most Contacted Domains

Во овој дел може да се види листа на домени со кои апликациите и веб страните комуницираат на телефонот. Со притискање на некој од домените, може да се види кои се апликациите кои го користат тој домен.

Во нашиот случај се гледа дека домен број 1 е домен кој е поврзан со Google Fonts, што не е чудно со оглед на тоа што повеќе веб страни кои ги отвораме своите фонтови ги користат преку овој сервис од Google.

Не секогаш ќе биде јасно зошто одредени апликации комуницираат со одредени домени, па за тоа лесно може да се провери со пребарување на доменот на Google или некој друг пребарувач.

Претходна статијаПродолжува навивачката зимска атмосфера пред Ист Гејт Мол
Следна статијаСеавус: Иднината на работењето е хибридна
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.