Иако во денешно време повеќето имаме мобилни планови кои вклучуваат повеќе месечен интернет пристап со одлични 4G, а сега и 5G брзини, сепак не ретко се случува да гостите кои ни се дојдени, повеќе би сакале да се поврзат на домашната Wi-Fi мрежа.
За ова може да има неколку причини, како на пример послаб сигнал од мобилната мрежа во тој стан или куќа или штедење на месечното ограничување.
Наместо да ја кажувате вашата лозинка, па гостите да треба рачно да ја впишат, наједноставен начин е да истата се сподели. Доколку со гостите не користите iPhone, па споделувањето на мрежата да се направи едноставно преку Airdrop или доколку немате некој поскап рутер кој овозможува споделување на мрежата преку мобилна апликација, тогаш еден од наједноставните и брзи начини е споделување преку QR код.
На Android, очекувано, споделувањето на мрежата се прави поедноставно, па за истото следете ги следните чекори:
- Додека сте поврзани на вашата Wi-Fi мрежа влезете во прилагодувањата за истата, односно во Settings за Wi-Fi.
- Потоа притиснете на иконата за прилагодувања на десната страна и притиснете на QR код. Ова може да не е достапно, па наместо тоа притиснете на Share.
- Ова ќе генерира и прикаже QR код од вашата мрежа, а гостите се што ќе треба е да го скенираат со нивната камера или посебно апликација доколку телефонот нема вградена поддршка за скенирање на QR кодови.
На iPhone овој процес е посложен, па среќа што Apple се реши да го поедностави во iOS 16, но дотогаш можете да ги следите следните чекори за генерирање на QR код од вашата мрежа:
- Отворете ја апликацијата од Apple наречена Shortcuts, па притиснете на делот Gallery во десниот долен дел.
- Во овој дел изберете го копчето Shortcuts for Accessibility кое е во форма на мали слики во горниот дел.
- Во листата која ќе се отвори најдете го QR Your Wi-Fi, па притиснете на Add Shortcut.
- Во ново креираната „кратенка“ на главната страна од апликацијата притиснете на истата за да се активира.
- Внесете ги вашата Wi-Fi мрежа и лозинка за истата и притиснете Done.
- Ова ќе генерира и прикаже QR код кој вашите гости ќе може да го скенираат и да се поврзат на мрежата.
При повторно притискање на истата кратенка, повторно ќе треба да ја внесете лозинката од вашата мрежа, па среќа што Apple сепак ја додаде оваа можност во Settings со iOS 16.