dkddcimqvz2tm4uurukv

Се сеќавам пред нешто повеќе од десетина години знаев да заглавам во продавницата на Blockbuster со саати (интересен факт: Netflix во овој период, околу 2000, им дошле со понуда на Blockbuster да здружат сили. Blockbuster не прифатил.:)). Еднаш со девојка ми се загледавме филм во самата видеотека – од што бев редовен, ни угасија светло и ни донесоа пуканки (ок, ни правеа и романтика). Муабетот ми е дека уште од средно сум љубител на добра приказна – од европски филмови, до Холивуд блокбастери, хорори, СФ, забегани филмови од типот на Српски филм, Кен Парк и сл., сега и серии, книги… стрипови почнав да читам малку подоцна дури откако станаа достапни во дигитален формат.

Откако ќе начукаш багаж од се и сешто – квалитетно, помалку квалитетно и тешки глупости – после некое време тешко може нешто да ти го задржи вниманието. Ти треба НАВИСТИНА ИНТЕРЕСНА и квалитетна приказна (што и да значи ова за секој поединечно), добро реализирана. Двата стрипови кои ги предлагам спаѓаат во оваа категорија.

Прво реченица две, како ја направив селекцијата. На i09 има препорака на „12 нови научно-фантастични стрипови кои мора да ги читате“. Од Comics ги симнав првите броеви од сите 12 стрипови (по +/- 1$), на сите им дадов шанса. Најинтересните стрипови продолжив да ги читам (барем целиот vol.1 што е излезен досега).

Ова се двете стрипчиња кои се must за 2015/16 макар и да не сте читале стрипови претходно.

  1. Space Riders (издавач: Black Mask Studios; vol. 1, 4 изданија; вкупна цена: околу 16$)

Приказната е всушност многу едноставна, нешто на old school western филм (во вселената) со клише карактери кои ги обожаваш и кои после некое време сфаќаш дека не се баш еднодимензионални како што изгледа на почеток. Peligro, бестрашен мачо фраер е главниот лик, капетан на бродот Santa Muerte. Peligro заедно со неговата посада (нешто како Fringe unit, ама во вселената) „плови“ низ галаксијата бркајќи одметници од Norrax Armada.

Ако Квентин Тарантино би пишувал СФ стрипови под дејство на ЛСД, би изгледало нешто како Space Riders на Fabian Rangel и Alexis Ziritt. Илустрациите (од Alexis Ziritt) се одлични и ти создаваат хипи 70-ти атмосфера додека нурнуваш низ СФ приказна, што е бајаги чудно и ново искуство.

  1. Descender (издавач: Image Comics Inc.; vol. 1, 7 изданија; вкупна цена: околу 14$ – преку Amazon е 6$, ама доцна видов)

Ова е веќе многу посериозен стрип и го најавуваат како a very big thing во СФ светот. Патем, како што пренесува и io9 веќе креаторите Jeff Lemire и Dustin Nguyen склучиле договор за да ја пренесат приказната на филм, што ретко се случува во овој свет во кој се раѓаат по илјадници стрипови месечно. Според io9 – со што се слагам 100% – „ако има некој стрип што треба да го читате во 2015 година, тоа е Descender”. Толку е добар.

Далечна иднина, во Niyata, развиен технолошки и културен центар на федерацијата United Galaxy Council составена од 9 планети. Тука луѓето живеат во совршена хармонија со машините. Се додека од нигде никаде се појавуваат т.н. Harvesters, огромни машини, кои ја напаѓаат Niyata и ја разрушуваат скоро до темел – и исчезнуваат. Настанува хаос во федерацијата, се појавуваат анти-робот движења и приказната не носи до Тим 21 – андроид со вештачка интелегенција, креација на еминентиот доктор Quon, кој најверојатно има некаква поврзаност со нападот. Заплеткано, интересна, паметна приказна која вреди да се прочита.

Искрено, едвај чекам да излезат Vol.2 од двете приказни!

Претходна статијаShiftWear – Чевли кои никогаш нема да остарат на изглед
Следна статијаКорисниците на PS4 наскоро ќе можат да ги играат игрите и на својот компјутер преку Remote Play