playstation-4-remote-play

Борбата во секторот на играчки конзоли трае веќе повеќе од една деценија и главни протагонисти се PlayStation и Xbox. Со лансирањето на новата, 4-та генерација, јапонскиот производ има блага предност пред Xbox, но последниве два месеци конзолата на Microsoft е таа која се продава повеќе. Една од причините за ова е одличната синергија на Xbox со Windows 10 и можноста игрите од конзолата да ги играте на вашиот компјутер.

Sony секако нема да стои отстрана и да гледа. Јапонците планираат своја верзија на “Streaming” играње, која ќе работи на Windows и Mac OS X, за разлика од Xbox One, која работи само со Windows 10. PlayStation 4 веќе има ваква можност, но таа моментално работи само на некои Xperia телефони и PlayStation Vita преносната конзола.

Идејата со играњето на игри од конзолата на друг уред не е ништо ново, а е многу корисна. На пример, со оваа опција нема да ја „зафатите“ дневната соба, туку истите игри ќе може да ги играте и на вашиот компјутер или лаптоп. Remote Play работи преку Wi-Fi конекција, што значи дека играта и натаму ќе ја пуштате преку PlayStation 4.

Информацијата е веќе потврдена од Шушеи Јошида од Sony, кој на својот твитер профил најави дека јапонскиот гигант веќе работи на ваква надградба. Секако, надградбата ќе биде софтверска и би требало да ја добијат сите актуелни корисници на конзолата.

Ова е сепак само една од функциите кои Sony ќе треба да ги вметне за да може да се натпреварува со Xbox на софтверскиот фронт – PlayStation можеби има подобри перформанси, но Xbox има далеку подобар кориснички интерфејс, со повеќе достапни апликации, предност која ќе се зголеми со надградбата на Windows 10.

Извор: BusinessInsider, The Verge

Претходна статијаSF стрипови кои мора да почнете да ги читате
Следна статијаiPhone 7 ќе има OLED дисплеј и нема да има стандарден влез за слушалки?