Живееме во време кога многу е лесно да се заборави колку е потребен и корисен Wi-Fi пристапот на јавните места. Можеби повеќето од нас сега имаме мобилни пакети кои вклучуваат брз интернет пристап со не толку мало месечно ограничување, но има ситуации кога тоа не е практично како што се мисли.
Информацијата дека Скопје Сити Мол има пуштено повеќе точки низ трговскиот со бесплатен Wi-Fi иако навидум звучи едноставно, ни го привлече вниманието, особено затоа што не баш секој трговски има сопствена и бесплатна мрежа.
Тоа што нас нѐ интересираше е квалитетот и стабилноста на оваа мрежа од што зависи нејзината практичност, односно колку реално би им била корисна на посетителите на трговскиот центар.
Причината поради која ова не интересира е баш поради достапноста на мобилен интернет, што значи дека кога ни треба Wi-Fi, тоа нема да биде за извршување на некоја обична и стандардна задача, туку ќе биде нешто повеќе.
Нешто повеќе значи да се дојде со лаптоп компјутер и да се седне да се работи, нешто повеќе исто така значи да се сними некое видео и истото да се прикачи на друштвените мрежи, значи да се игра некоја игра со пријателите и слично.
Достапност и тест на Wi-Fi мрежата во Скопје Сити Мол
Во Скопје Сити Мол се поставени 3 точки кои се покриени со Wi-Fi сигнал – на двата главни влеза и во одделот за храна. Поставени се пристапни точки со доволно капацитет за опслужување на повеќе корисници во исто време, што значи дека гужвата во моментот нема да направи некоја разлика на можноста за користење на мрежата.
Мрежата ја користевме во неколку „сценарија“ за да добиеме претстава дали секоја од овие активности би можеле да се прават без проблеми поврзани со интернет пристапот.
Тоа што посебно се истакнува и пријатно нѐ изненади е што мрежата е Wi-Fi 6, а тоа прави голема разлика за бројот на уреди во исто време кои можат да се поврзат, како и стабилноста на мрежата додека се поврзани корисниците.
Оваа генерација од Wi-Fi исто така овозможува помала латенција и стабилен пренос на податоци, што значи дека што и да сакате да направите додека сте во трговскиот, нема да има никаков проблем.
Покрај класичното мерење на брзината, направивме и неколку реални активности кои корисниците би ги правеле, како работа преку лаптоп компјутер, прикачување на податоци, прикачување на податоци преку мобилен и слично.
Стабилноста на мрежата беше на високо ниво, односно многу подобра од тоа што би очекувале од еден трговски центар, а сигурно знаете каков проблем тоа знае да претставува. Латенцијата во просек изнесуваше од 4-8 милисекунди, нешто што е доста ретко за јавните мрежи.
Како да се поврзете на Wi-Fi мрежата во Скопје Сити Мол
Името на мрежата е лесно за препознавање и гласи „Skopje City Mall open WiFi“. Мрежата е отворена, односно не бара внесување на лозинка. По поврзувањето ќе треба да отворите интернет прелистувач, ако тоа веќе автоматски не се направи, каде ќе се отвори веб страна на која ќе треба да притиснете на копчето за поврзување на интернет. После ова можете слободно да сруфате без никакви ограничувања.
Со ваквиот пристап, Сити Мол уште еднаш покажа дека е лидер на домашниот пазар во својот сегмент. Преку воведување на новини од ИТ сферата, овој трговски центар е во чекор со времето и дефинитивно има што да понуди за различни посетители. Она што ни преостанува е да продолжиме да ги следиме и посетуваме и понатаму и да видиме со што ново ќе нѐ изненадат во иднина.