Фото: Mastercard

Иако одамна немаме видено некој бизнис да ги користи, сепак магнетните ленти се’ уште се дел од дебитните и кредитните картички. Во денешно време најчесто се користи чипот на картичките, а последните неколку години се користи можноста за плаќање со допирање на картичката на ПОС терминалот, односно бесконтактното плаќање, нешто што овозможи и користење на мобилните телефони во тој процес.

Од Mastercard најавија дека планираат да почнат со процес преку кој постепено ќе престанат со ставањето на старите магнетни ленти на нивните дебитни и кредитни картички. Процесот ќе започне од 2024 година, кога лентите веќе нема да има потреба да бидат ставени на картичките, а ќе заврши во 2033 кога се очекува нив целосно да ги нема од сите достапни картички.

Интересно е што процесот ќе започне во Европа во 2024 година каде процентот на користење на картички со чип е 86%, а во САД каде би очекувале да е ист или поголем, истиот изнесува 73%, па процесот таму ќе започне во 2027 година.

Инаку, чиповите кај картичките почнуваат да се користат од 1990 година, па наваму, додека магнетните ленти од 1960тите. Овие ленти може да се каже дека го имаат револуционизирано процесот на плаќање кој претходно се одвивал преку рачно запишување на информациите, па со познатите апарати кој со повлекување ја запишуваат информацијата од картичките на хартија.

Поради пандемијата и поврзаните кампањи, огромен раст има плаќањето со бесконтактни картички, како и со мобилните телефони.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Mastercard
Претходна статијаTinder воведува можност за потврда на идентитетот на корисниците со личен документ
Следна статијаIntel го претстави брендот под кој влегува на пазарот за графички картички
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.