Истражување кое беше објавено при крајот на минатата година го насочи вниманието кон „квалитетот“ на дел од ремчињата кои се користат кај паметните часовници, дури и тие најскапите.
Конкретно, истражувањето се концентрира на ремчињата кои се направени со флуороеластомери, вид на синтетичка гума која може да содржи одредени хемикалии.
Овие хемикалии, познати по својата издржливост и отпорност на вода и масти, често се користат во производството на флуороеластомерни ремени. Сепак, нивната „вечност“ може да претставува ризик за здравјето, бидејќи можат да се апсорбираат преку кожата при продолжено носење.
Истражување објавено во „Environmental Science & Technology Letters” открива дека ремените изработени од флуороеластомери содржат значителни количини на перфлуоро-хексаноична киселина (PFHxA), еден од PFAS соединенијата. Ова е особено загрижувачко за корисниците кои ги носат своите паметни часовници подолг период, бидејќи постои можност овие хемикалии да се пренесат преку кожата и да предизвикаат здравствени проблеми како што се оштетување на црниот дроб, висок холестерол, заболувања на тироидната жлезда и други сериозни состојби.
Овие тврдења секако не се докажани, но доволно е едно вакво истражување за да се привлече вниманието.
Врз основа на ова истражување, Apple заработи групна тужба преку која компанијата се обвинува дека нивните часовници доаѓаат со ремчиња кои ги содржат овие „вечни хемикалии“.
Во тужбата се издвојуваат три ремчиња со кои доаѓаат Apple Watch, односно Sport Band, Nike Sport Band и Ocean Band. Првото ремче е најчесто користеното поради тоа што доаѓа како стандардно со часовниците од Apple, освен Ultra моделот.
Наводно, во истражувањето не се истакнуваат конкретно овие ремчиња од Apple, па се истакнува дека се тестирани 22 ремчиња од различни производители, меѓу кои Apple, Fitbit, Nike и Google.
Apple во изјава до MacRumors го истакнуваат следното:
„Ремчињата на Apple Watch се безбедни за носење на корисниците. Покрај нашето сопствено тестирање, ние работиме и со независни лаборатории за да спроведеме ригорозни тестирања и анализи на материјалите што се користат во нашите производи, вклучително и ремчињата на Apple Watch.“
Ова е доста кратка и очекувана изјава, па ќе почекаме доколку се објават дополнителни информации за да донесеме заклучок.