Една од главните информации кои ги чекаме од претставувањето на нова Galaxy S серија обично е и кој чип ќе се користи кај уредите, конкретно на европскиот и нашиот пазар. Причината за ова е позната, а тоа е користењето на Exynos чипот од Samsung на одредени пазари, односно на европскиот и нашиот пазар.
Минатата година ова беше случајот, па само Galaxy S24 Ultra доаѓаше со Snapdragon 8 Gen 3, а искуството покажа дека сепак чипот од Qualcomm доаѓа со нешто подобри перформанси и менаџирање на топлината.
Оваа година, Galaxy S25 серијата на овој план ќе биде „поедноставна“, па сите модели на сите пазари во светот ќе дојдат со новиот Snapdragon 8 Elite.
Повторно, Qualcomm и Samsung соработуваа, па телефоните од Samsung ќе работат на нешто подобрена верзија од чипот наречена Snapdragon 8 Elite за Galaxy.
„Snapdragon 8 Elite за Galaxy е моќна платформа, која обезбедува врвни способности за вештачка интелигенција на уредот за целата серија Galaxy S25, како и премиум функции 5G и Wi-Fi благодарение на Snapdragon® X80 5G Modem-RF Систем и Qualcomm® FastConnect™ 7800 Мобилен систем за поврзување за ултра брз мобилен и Wi-Fi 7 брзини. Qualcomm Technologies и Samsung тесно соработуваа за да го приспособат Snapdragon 8 Elite за Galaxy за да испорача врвен квалитет на сликата и потрошувачка на енергија на екранот на паметниот телефон Galaxy.“ – истануваат од Qualcomm.

Како што беше истакнато на презентацијата на Galaxy S25 серијата, новиот чип донесува 37% подобрување од ланскиот Snapdragon кај процесорот, 30% кај графичкиот процесор, а дури 40% кај NPU процесорот, односно тој за вештачка интелигенција.
Голем дел од новите функции со ВИ кај Galaxy S25 серијата се извршуваат локално на уредот, а сето тоа е можно и брзо поради одличниот чип кој е можеби и најдобар на пазарот моментално.