Познатиот Минг-Чи Куо објави информации поврзани со се’ уште неофицијалниот прв iPhone на преклоп. Овој уред првично се најавуваше дека ќе биде во „флип“ стилот, но сега сите информации укажуваат кон тоа дека ќе биде конкуренција на Galaxy Z Fold, односно ќе биде во стилот на смартфон кој се отвора во мал таблет.
Куо ги продолжува најавите и од другите дека овој уред ќе биде претставен идната година, а масовното производство се очекува за 2027 година.
Цената на уредот, како што би се очекувало од Apple, треба да биде доста висока, па Куо најавува цена повисока од 2000 долари, па дури и од 2500. Тој сепак очекува дека тоа нема да биде проблем за лојалните фанови на компанијата, па не би имало проблем со продажбата.
Куо открива и неколку очекувани карактеристики, кои според мене доколку се покажат како точни, можно е овој уред да не биде доволно добар. Големината на надворешниот екран Куо ја најавува дека ќе биде 5,5 инчи, што е доста малку, додека кога ќе се отвори уредот во мал таблет, големината на внатрешниот екран треба да биде 7,8 инчи.
Една од главните карактеристики според мене за добар уред на преклоп е да може да се користи како класичен смартфон, кој за одредени потреби се отвора и може да замени помал таблет. Доколку надворешниот екран е помал, корисниците ќе мора почесто да го отвораат уредот, па имаме ситуација слична со првите генерации од Galaxy Z Fold.
Кинеските производители изгледа ова подобро го разбираат, па нивните модели уште под почетокот имаат доволно добар формат и големина на надворешниот екран. Посебно мора да се истакне најновиот Oppo Find N5, кој не само што има одличен формат и големина на екраните, тој моментално е најтенкиот ваков уред на пазарот.
iPhone на преклоп, иако ќе дојде доста доцна во споредба со конкурентите, изгледа нема да биде толку тенок, па Куо најавува дебелина од 9 до 9,5 милиметри кога е затворен и 4,5 до 4,8 кога е отворен.
Ова не се лоши димензии, но за споредба, веќе претставениот оваа година Oppo Find N5 има дебелина од 8,93 милиметри кога е затворен, односно 4,2 милиметри кога е отворен.
Куо исто така најавува дека ова е доста мала дебелина и поради истата уредот нема да има Face ID, па отклучувањето ќе се прави преку Touch ID од страна.
Исто така, Куо ги потврдува информациите дека Apple го имаат решено проблемот со линијата која се појавува на делот каде што се превиткува екранот.