Концепт слика од iPhone на преклоп генерирана од Imagen 3/Gemini

Се поголеми се шансите дека Apple идната година ќе го претстави својот прв уред на преклоп, поточно iPhone кој ќе биде во стилот кој се отвора во помал таблет. Оваа информација можевме да ја прочитаме повеќе пати, а објавени беа дури и димензиите на екраните

Сега корејските ETNews информираат дека Apple се подготвуваат да го изберат производителот на екранот на преклоп и дека оваа година ќе започнат со производството. 

Обично од компанијата започнуваат со производство една година пред официјалното претставување на производот, па според информациите, производителот ќе биде избран до април, а производството ќе започне во втората половина од оваа година.

Претставувањето на првиот iPhone на преклоп се најавува за втората половина од идната година, односно најверојатно со претставувањето на iPhone 18 серијата. 

Тоа што посебно привлекува внимание во објавата од ETNews е што тие тврдат дека Apple го имаат надминато еден од најголемите проблеми со ваквите уреди, проблем поради кој се’ уште се чека на нивниот влез на овој пазар. 

Линијата која се појавува на местото на превиткување на екранот наводно е решена до бараниот степен, а се најавува и можноста дека истата и нема ни да се гледа. 

Според информациите, Apple имале за цел да го решат овој проблем без разлика на цената, а со тоа планираат да се разликуваат од останатите конкуренти на пазарот. 

Очекувано, Samsung Display се истакнуваат како компанијата која ќе биде избрана за производство на екранот, а од компанијата веќе цела година работат на развој на потребната технологија. 

Во извештајот од ETNews се додава и дека за намалувањето или тргањето на линијата на екранот не се доволни само материјалите во него, па голем фактор е и механизмот за преклоп. 

Corning се избрани да го произведат тенкото заштитно стакло врз екранот, додека механизмот за преклоп ќе биде произведен од страна на американската Amphenol.

ИЗВОРMacRumors
Претходна статијаAdobe претстави бесплатна Photoshop апликација за iPhone
Следна статијаМакедонски изум: Хируршки операции со 3D Моделирање и Вештачка интелигенција
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.