Марк Гурман продолжува со најавите дека Apple планираат да претстават паметен екран и со тоа конечно успешно да влезат на пазарот на паметните домови. Првиот ваков екран го најавува за идната година и тој треба да биде со понормална цена и подостапен за повеќето корисници.
Овој екран во основа треба да биде понапредна форма на паметните звучници кои се достапни како еден вид на домашни паметни асистенти. Со додавањето на екран кај ваквите звучници корисниците добиваат можност за подобра интеракција, како разгледување на слики, видео повици и слично.
Според Гурман, Apple ќе претстави два вакви екрани. Првиот треба да биде претставен идната година и тој ќе биде со доста мал екран, а основата ќе биде таква да ќе потсетува на iMac G4.
Големината на екранот ја најавува како два iPhone телефони поставени еден до друг, па овој уред треба да биде доста лесно пренослив и со можност да се постави на било која позиција во домот.
Вториот паметен екран го најавува за 2026 најрано, а ова е тој кој ќе дојде со поголем екран и роботизирана рака која ќе може да го насочува. Овој екран наводно ќе чини околу 1000 долари.
Во овој билтен Гурман пишува и за M4 Mac компјутерите кои Apple ќе ги претстави оваа недела, како и за напредокот на компанијата во технологијата за откривање и следење на дијабетесот. Според него, од компанијата имаат развиено апликација, која не би требало да биде пуштена јавно, која може да им помогне на корисниците кои се во пред-дијабетична состојба.
Гурман исто така пуштањето на првата тест верзија од iOS 18.2 ја нарекува почетокот на тестирањето на вистинската Apple Intelligence, поради тоа што повеќето од најавените функции конечно стануваат достапни со оваа верзија. Тука влегуваат функцијата Genmoji, Image Playground, како и интеграцијата на ChatGPT.