Во скоро една деценија колку што будно ја следам новата технологија, една работа научив со сигурност, а тоа е дека Apple знае добро да ги именува своите продукти. Новите “Magic” тастатура, маус и тачпад за iMac десктоп компјутерите делуваат навистина магично кога ќе ги погледнете, но има ли нешто повеќе што можат да понудат?
Да почнеме од тастатурата. Во однос на претходната, промените се однесуваат главно на мало преместување на копчињата, како и на вградување на новиот „ножички“ механизам кој ја имаше премиерата во MacBook серијата на лаптопи. Според Apple, овој механизам овозможува подобро чувство при пишување, но да бидеме реални – вистинските познавачи и натаму ќе користат механички тастатури. Ова особено добива на тежина кога ќе ја видиме цената од 99 долари, која е прилично висока за ваков тип на тастатура и покрај тоа што тастатурата сега доаѓа со вградена батерија на полнење.
Новиот маус има помалку промени – малку е полесен од својот претходник, што за многумина и не е баш позитивно, но сега батеријата за полнење е вградена, што значи дека нема да мора често да мислите на менување на батериите. Маусот чини 79 долари и да, сигурно има и подобри мауси за истите пари. Сепак, најдобро од се е што тастатурата и маусот нема да мора да ги купите доколку сакате нов iMac – доаѓаат бесплатно со него, а уште поважно, одговараат на минималистичкиот дизајн.
Најголем напредок сепак има кај тачпадот, кој сега има вграден Force Touch. На овој начин, корисниците на iMac сега ќе можат да го користат овој систем за препознавање на различен притисок со кој ќе стиснете со прстот на тачпадот и да активираат различни функции. Во тачпадот има и вградено „моторче“ кое ќе прави да се чувствувате дека навистина стискате на копче и покрај тоа што целиот тачпад е една голема стаклена површина. И тачпадот може да се полни преку USB Lightning полначот, но чини високи 129 долари.
Извор: Tech Radar, 9to5Mac