Apple оваа година, поточно во есен, со новата Apple Watch 8 серија ќе претстави и Pro верзија од часовникот. Со ова Apple Watch го приклучува на останатите производи од компанијата кои добиja Pro верзија која има нешто поразлични карактеристики и повисока цена.
Оваа информација ја објавува Марк Гурман, кој обично ги погодува. Според него, оваа верзија од Apple Watch ќе биде наменета за корисниците кои часовникот го користат за следење на нивните спортски активности или најдобрата споредба би била, за корисниците кои обично ги купуваат Garmin часовниците.
Поради ова, Pro верзијата од Apple Watch 8 ќе има нешто поголем екран, наводно за 7%, кој исто така ќе биде повеќе издржлив, телото на часовникот ќе биде изработено од титаниум или некој сличен издржлив материјал.
Најважно од се, батеријата се најавува дека ќе може да издржи неколку денови, нешто што со моменталните верзии е проблем, а посебно за корисниците кои ја мерат својата активност, што додатно го скратува времето на траење.
Најголем напредок треба да добие функцијата за следење на планинарењето и пливањето, а се очекува соодветно часовникот да ги има софтверските подобрувања.
Цената по која би се продавал Apple Watch 8 Pro или како и да биде наречен, се очекува дека ќе биде околу 1000 долари, што е скоро три пати повеќе од стандардниот модел.
За стандардниот модел се најавува дека треба да добие можност за мерење на температурата, додека можноста за мерење на притисокот нема да дојде оваа година. Интересно, за 2025 се најавува мерење на шеќерот во крвта, нешто што Apple Watch ќе го направи уште повеќе баран на пазарот.
Покрај Pro и стандардниот модел, Apple во есен се очекува дека ќе претстави и нова верзија од SE моделот, кој е најевтиниот во серијата.
Apple обично ги претставува нивните нови часовници при крајот на септември, па очекувањата се дека исто ќе биде и оваа година.