voxieboxchess-640x353

Благодарение на научната фантастика – сите гикови на планетата се запознаени со концептот наречен холограмска проекција. Кога гледавме на Star Trek како луѓе влегуваат во таканаречениот “holodeck” и играат игри во едно вештачки создадено опкружување, сите ние се понадевавме дека можеби и ние некогаш ќе можеме да искусиме такво нешто.

Сепак, идејата за просторија во која сме опкружени со холограмски проекции и можеме да ги допреме и помирисаме овие проектирани средини и предмети – е сеуште само дел од научната фантастика.

Сепак се чини дека ќе успееме да ја доживееме холограмската технологија во едно друго светло многу поскоро. Star Wars фановите можеби ќе се сетат на сцената каде R2-D2 игра холограмски шах. Верувале или не, ваков холограмски шах веќе постои и е само една апликација која е веќе целосно спремна и готова за Voxiebox платформата.

Voxiebox е уред од истоимената компанија, кој се стреми да ги спои видео игрите и холограмската технологија. Со оглед на тоа што холограмската технологија е сеуште во својот зачеток, повеќето луѓе би биле скептични дека може да се направи некаква си солидна видео игра која бара брзи рефлекси и анимации. Сепак, првите импресии од првите демонстрации на Voxiebox се поприлично задоволителни.

Технологијата на Voxiebox е релативно едноставна – вклучува ласерски проектор кој проектира слики на екран, а пак тој екран вибрира со голема брзина и она што нашето око го гледа е последицата од вибрациите. Во основа технологијата го злоупотребува фактот што човечкиот вид не е толку брз и нас само ни се чини како да постојат одредени точки на повеќе места во просторот.

Илузијата која се создава е да имаме чувство, односно перцепција дека гледаме три-димензионален објект, иако реално гледаме само дво-димензионална слика. Најдобриот момент во сето ова е што перцепираната слика се менува како што се движиме околу кутијата, исто како да гледаме вистински физички објект. Оние кои ја имаат пробано voxiеbox кутијата не убедуваат дека квалитетот на сликата останува еднаков од секој агол и во секој момент.

Според демонстрациите видени во видеото погоре, а особено со гледање на VoxiePong можеме да заклучиме дека “кутијата” дозволува доста брза и мазна анимација. Резолуцијата и изборот на боите можеби е мал, но со ваква мазна анимација можно е да се направат стотици различни аркадни игри кои реално би биле интересни за играње. Компанијата не убедува дека со тек на време ќе се подобри и резолуцијата и бројот на бои.

Една од најдобрите вести во однос на voxiebox е отворената природа на овој хардвер. Компанијата ќе овозможи комплетно отворен пристап према софтверот и хардверот на оваа кутија што секако ќе ја израдува заедницата на независни програмери. Во практична смисла ова значи дека можеме да очекуваме стотици интересни апликации и видео игри за оваа платформа.

За жал има и една лоша вест засега, а тоа е дека на почеток Voxiebox ќе биде наменет само за играчници и различни установи. Тоа значи дека на почеток ќе можеме првите модели да ги видиме поставени до Билјардот и Пикадото во некоја играчница на запад, или пак можеби во фоајето на различни установи. Секако, долгорочно целта е да бидат достапни модели и за нашиот дом и секојдневниот потрошувач, но сеуште не е познато кога и како ќе се случи тоа.

На прашања во однос на цената и времето за лансирање на овој производ, Voxiebox само одговараат Работиме на случајот, ќе има информации наскоро”. За повеќе информации во однос историјата и тимот позади voxiebox, можете да го погледнете и овој Ted говор од Voxiebox екипата.

 

Претходна статијаМожната улога на Bill Gates доколку Satya Nadella биде избран за CEO
Следна статијаKinect поставен на границата помеѓу двете Кореи