Доколку мислевте дека снимањето видеа во 4К резолуција е се’ уште далеку од секојдневие, дефинитивно нема да останете рамнодушни пред најновиот производ на Panasonic. Се работи за камерата HX-A500, која во продажба треба да се појави за помалку од два месеци.
Она што досега го знаеме за оваа камера е податокот дека истата ќе снима 4К видеа со 25 слики во секунда. Според Panasonic, ниедна друга камера на носење не е во можност да го достигне истиот квалитет. Како најсилна конкуренција се спомнуваат GoPro со нивната камера која исто така снима видеа во 4К резолуција, но не може да надмине 15 слики во секунда, што е далеку од потребното ниво за вистински квалитетен преглед на слика.
HX-A500 е модел кој се состои од тело и камера, како и кабел кој ги поврзува двата дела. Контролите за камерата ќе ги најдете на телото, исто како и екранот кој е нешто помал од 4 см. Доколку сакате да снимите видео и потоа да го препратите на друг (Android или iOS) уред, добро е да знаете дека HX-A500 ви го овозможува тоа преку WiFi и NFC. Ја имате можноста и да го пренесувате видеото што го снимате во живо преку Ustream.
Покрај стандардните особини и додатоци кои ви овозможуваат да го уредувате видеото и да го направите што е можно поквалитетно, Panasonic тврдат дека нивната камера е отпорна на прашина, но и вода. Со други зборови, можете да снимате видео материјал до 30 минути во длабочини до три метри.
Доколку сакате да снимате 4К видеа во движење, стрпете се до мај. Притоа, осигурајте се дека при себе имате 460 евра, колку што оваа HX-A500 камера ќе ве чини.