За одредени проблеми кои што до пред 50, 100 и повеќе години немало начин како да бидат третирани од страна на медицината, денес постојат повеќе методи кои што спасуваат огромен број на човечки животи. Една од тие методи е трансплантацијата на органи, односно замената на оштетени органи кај пациентите со здрави органи од донатори. Меѓутоа голем проблем кај овој дел од медицината е недостатокот на достапни органи или со други зборови пациентите на кои што им се потребни органи се многу повеќе од достапните на листите на донатори.
Еден од начините да се реши овој проблем, покрај навлегување во суштината за големиот број на здравствени проблеми, е искористувањето на модерната технологија или во овој случај 3D принтањето. Со развивањето на оваа технологија се очекува во иднина да може да се „испечати“ целосно нов орган за пациентот кој што има потреба од него, користејќи ги неговите матични клетки. Со тоа потребата од донатори ќе биде тргната, а со тоа и недостатокот на органи. Се разбира со тоа ќе се тргне и проблемот на некомпатибилноста на органите поради тоа што тие ќе бидат скоро исти како оригиналните, односно природните органи.
Истражувачите од University of Sydney, MIT, Harvard и Stanford се чекор понапред во остварувањето на целта, односно можноста за печатење на човечките органи. Тие успешно имаат испечатено крвни садови, кои што се едни од најважните работи за успешноит развој на печатање на органите. Досега научниците имаат успешно испечатено делови од ткивата од органите, меѓутоа без редовен доток на крв, а со тоа и кислород и можност за исфрлување на непотребните остатоци, клетките не можат долго да живеат.
Она што истражувачите од овие универзитети имаат успеано да направат е да испечатат точно направена мрежа од влакна преку напредни 3D принтери кои што тие ги нарекуваат био-принтери. Потоа, тие влакна ги обложуваат со човечки ендотелијални клетки, кои што се наоѓаат помеѓу крвта која што циркулира и ѕидовите на крвните садови. Следно што прават е обложување и со материјал кој што е базиран на протеини, по што ја зацврстуваат целата смеса со светлина. По зацврстувањето на смесата, влакната кои што беа основата за целата работа постепено се отстрануваат, со што останува добиената смеса со простор каде што би проаѓала крвта. Истражувачите истакнуваат дека после период од недела дена клетките се организираат во стабилни капилари.
Иако ова не значи дека наскоро ќе бидат достапни 3D печатени органи и дека ќе се решат проблемите на луѓето, барем во оваа област, меѓутоа дефинитивно претставува чекор напред. Можеме само да замислиме до каде ќе биде стигната технологија и медицината во наредните 10 години.
Извор: VentureBeat, 3DPrint