SSD дисковите стануваат се повеќе популарни поради нивната брзина, како и тивката работа поради тоа што работат без потребна од делови кои што се движат. Меѓутоа иако технологијата на SSD дисковите не е нова, таа се’ уште е прилично скапа, па тоа резултира со дискови кои што се со доста повисока цена од хард дисковите, а и со помал капацитет. Како поминува времето може да се види дека капацитетот на SSD дисковите се зголемува, односно нивниот трошок по гигабајт се намалува, па веќе може да се најдат дискови со поголем капацитет и прилично достапна цена.
Она што се прави во технологија на SSD дисковите, односно NAND технологијата е намалување на ќелиите со што поголем број од нив може да се наредат во еден ред, а со тоа да се добие поголем капацитет и пониска цена. Меѓутоа проблемот со намалувањето на ќелиите е во лимитот до каде што може тие да бидат намалувани, а притоа да не изгубат од нивната издржливост и перформанси. Големината на SSD ќелиите во нивната најмала верзија изнесува 15nm, што е помало од претходно поставената граница од 20nm. Сепак оваа големина е границата на технологијата, па потребно е изнаоѓање на друго решение за овозможување на дискови со голем капацитет по пристапна цена, но и со подобри перформанси.
Тука доаѓа до израз новиот SSD диск од Samsung наречен 850 Pro, кој што претставува првиот диск достапен за обичниот потрошувач кој што ја користи новата V-NAND технологија. Оваа технологија е дополнување на веќе постојната NAND технологија и исто така е наречена 3D NAND. Како што објаснивме погоре, со цел да собере што повеќе ќелии на одреден простор кој што во случајот со NAND е во 2D форма, односно има еден слој, тие се намалуваат до одредена граница. Тука доаѓа до израз новата V-NAND технологија која што ќелиите ги реди вертикално, во повеќе слоеви, конкретно во овој случај 32, со што се овозможува многу поголем број од нив да бидат вклучени во дискот. Исто така поради тоа, тие не се направени во најмалата можна големина која што покрај предностите има и одредени негативни страни, туку тие се направени во посигурната 40nm големина. Тоа според Samsung овозможува овие дискови да бидат со поголем капацитет, поголема брзина, подобра издржливост и со подобра енергетска ефикасност.
Samsung 850 Pro SSD доаѓа со капацитети од 128, 256, 512 GB и 1TB и на почетокот ќе се продаваат на американскиот пазар по цени од 130, 230, 430 и 730 долари. Перформансите на читање и запишување на податоците изнесуваат 550MBps и 520MBps соодветно. За да покаже колку поиздржливи се овие дискови, Samsung за нив ќе дава гаранција од 10 години или 150TB на запишани податоци.
Извор: Cnet, AnandTech, The Tech Report, Samsung