Човечкото тело секоја секунда од своето постоење непрекинато испорачува топлина кон околината, а ние од физиката многу добро знаеме дека топлината е енергија. Затоа, научниците веќе подоло време бараат начини како да ја искористат таа енергија, особено за напојување на паметни уреди кои може да ги носиме на себе, како на пример паметните часовници.

Тим од Универзитетот во Северна Каролина веќе има прототип на таков уред, кој има термоелектрична технологија која може топлината од телото да ја искористи за да го напојува уредот или пак да ја наполни неговата батерија. И не само тоа – нивниот прототип уред е целосно флексибилен и може самиот да се поправа од мали оштетувања.

Идејата зад флексибилноста е материјалот да може да се залепи на телото и да може да опфати што поголем простор од кој ќе се напојува со топлина, нешто што не може да се постигне со цврстите уреди, кои имаат многу помал контакт со телото.

Исто така, поради тоа што материјалот е флексибилен, научниците искористиле галиум и индиум за електричните кола, кои се течни метали кога ќе се допрат со телото и кои цело време се преповрзуваат. На овој начин ваквите уреди ќе можат самите да се поправаат доколку дојде до прекршување и сл.

Во иднина тимот кој работи на оваа технологија планира да ја зголеми нејзината ефикасност, со цел таа да може да се примени во реалниот живот, можеби не како целосен уред кој може да се носи, туку како своевидна лепенка која ќе може да произведува енергија за други уреди, како на пример за паметниот телефон.

Извор: New Atlas, Treehugger, Engineering

Претходна статијаInnCable е компјутер вграден во Ethernet кабел
Следна статијаТехнологија за читање на мислите може да прочита комплексни мисли