toyota-i-road

Јавниот транспорт на јапонскиот град Toyota City, од каде што и доаѓа истоимената автомобилска компанија, од почетокот на годинава е збогатен со иновативни електрични возила на 3 тркала. Ова возило наречено i-Road претставува комбинација од моторцикл и автомобил и ги содржи сите позитивни атрибути од овие две категории на возила. Имено, i-Road се карактеризира како мало, лесно возило кое е едноставно за маневрирање, а истовремено стабилно и сигурно со многу ниска потрошувачка на енергија.

i-Road концептот зад кој стои автомобилскиот гигант Toyota е всушност дел од голем проект “Harmonious Mobility Network” (Ha:mo). Негова главна цел е воспоставување на мрежа од комбиниран приватно-јавен траснпорт кој ќе биде ефикасен и истовремено “пријателски” настроен кон животната средина. Ha:mo се состои од два дела: Ha:mo NAVI – платформа која овозможува калкулација на најповолна маршрута со комбинација на приватен и јавен транспорт, и Ha:mo RIDE, мрежа од јавно достапни електрични возила. Се очекува во текот на оваа година францускиот град Grenoble да го воведе истиот проект, па така од Toyota веќе припремаат нови 70 вакви возила.

toyota-i-road2

За потребите на овој проект компанијата Toyota дополнително развиле софтвер кој им овозможува на корисниците да проверат дали и каде има слободни i-Road возила, и истите доколку се достапни, истовремено да ги резервираат.

Toyota i-Road користи електричен мотор кој обезбедува максимална брзина од 45km/h. Истиот се напојува со литиум јонска батерија со чиј капацитет може да се изминат околу 50 километри. Предните тркала се со димензии 80/80 R16, додека задното тркало е со димензии 130/70 R10. Тежина на Toyota i-Road изнесува 300 килограми, а вкупните димензии се 2.350 x 850 x 1.445 mm. Кога станува збор за стабилноста на овој мал автомобил, мора да се напомене дека ваквиот проблем е решен со помош на Active Lean технологијата. Имено, истата се базира на сензори кој овозможуваат автоматско балансирање на возилото при остри свртувања или возење по нерамна површина. Покрај ова, овој електричен автомобил исто така има можност за внатрешно греење, но засега сепак нема вграден клима уред.

Претходна статијаQUANT e-Sportlimousine претставен на Geneva Motor Show
Следна статијаGreen Loop проект во New York за справување со отпадот