quant

Nanoflowcell е компанија која уште од 1991 година започнува да се бави со технологии за алтернативни извори на енергија. 12 години подоцна почнува да го насочува своето внимание кон автомобилската индустрија. Имено, од 2003 до 2009 година интензивно соработува со Koensiegg на полето на спортските автомобили. Но, истата година ја прекинуваат соработката со оваа компанија и од 2010 година па навака започнуваат да го развиваат концептот за Quant e-Sportlimousine. Се работи за супер-брз автомобил кој поседува неверојатни 920 коњски сили.

Автомобилот, изложен на овогодинешниот саем за автомбили Geneva Motor Show, наречен Nanoflowcell Quant e-Sportlimousine, претставува прототип кој работи на солена вода. Оваа спортска лимузина која Nanoflowcell ја претстави, е специфична и униката по тоа што истата се придвижува со помош на проточна батерија.Таа има посебна формула базирана на јонски полнежи кои се добиваат од солена вода, која се користи како спроводник.

Имено, општо познато е дека солта (NaCl) е лесно растворлива во вода, па кога истата стапува во контакт со водата се раздвојува на содиумови јони кои имаат позитивен полнеж и хлоридни јони, кои имаат негативен полнеж. Од тука може да заклучиме дека солената вода поседува електрични полнежи. Всушност, поточно кажано солената вода поседува својство да спроведува електрична енергија. Компанијата Nanoflowcell, разбирливо не ја открива целосната слика за тоа како нивната батерија работи, но се шпекулира дека електролитот содржи микс на метали, соли и некои други соединенија.

Проточната батерија, всушност комбинира два аспекти, еден од обичната електро хемиска батерија и втор од горивните ќелии. Се состои од две хемиски компоненти растворени во течност и раздвоени во посебни ќелии со тенка мембрана. Едната компонента е раствор со висок енергетски полнеж, а другата компонента раствор со низок полнеж и истите се сместени во посебни 200-литражни резервоари. Кога двата раствори се испумпуваат кон една централна ќелија се создава електрична енергија која се насочува кон два суперкондензатори.

quant2

Суперкондензаторите имаат способност многу брзо да ослободуваат енергија, и тие ја даваат главната спортска карактеристика на овој автомобил. Истите се поврзани со 4 електрични моторни единици (секој по максимум 170 kW). Вртежниот момент изнесува 2900 Nm, па така овие карактеристики обезбедуваат забрзување од 0-100 km/h за 2,8 секунди и максимална брзина од 380 km/h.

Срцето на Quant e-Sportlimousine е токму ваквата проточна батерија која овозможува пет до шест пати поголем капацитет од останатите конвенционални батерии кој се користат кај автомобилите. Таа поседува супериорна енергетска густина, односно исклучително висока концентрација на јони-спроводници во електролитот кој се наоѓа во ќелиите. Ова овозможува опсег на возење од 400 до 600 километри.

Претходна статијаПодводен Google Street View
Следна статијаToyota i-ROAD концепт за јавно достапен превоз