New York е град кој се наоѓа во топ 10 листата на најгусто населени градови. Како и секој друг град од оваа листа, тој се соочува со проблемот од преголема количина на отпад. Отстранувањето на отпадот кој жителите го создаваат има потреба од различни еколошки штетни процеси. Како најчесто решение за отпадот кој се создава е собирање и транспортирање на истиот на одредени депонии.
Бројките велат дека New York годишно произведува 14 милиони тони отпад. Околу 300 милиони долари изнесуваат паричните издатоци за транспортот на отпадот до околните депонии. Многу од возилата кои се користат за собирање и транспортирање на отпадот се всушност едни од главните причинители на метеж и бучава во сообраќајот.
Во насока на намалување на влијанието од отпадот и неговото складирање компанијата Present Architeture неодамна претстави идејно решение на оваа тема. Имено, нивната идеја се основа на формирање на т.н. компостни острови близу брегот на New York. Станува збор за мрежа од 10 пловечки oбјекти (острови) наречени Green Loop, каде одпадоците би се складирале привремено.
Планот е да за секој округ од градот се обезбеди ваков остров, а целта е намалување на растојанието на камионите за одпадоци кои мора да го поминат до депонијата. На овие објекти органскиот отпад би се процесирал и дел би се користел за создавање на органско ѓубриво, а останатиот отпад со помош на бродови или баржи би бил дислоциран. Дополнително на ова островот би го збогатил градот со нови 125 хектари зелена површина.
Од компанијата, велат дека се свесни дека Green Loop претставува радикален и ентузијастички предизвик. Сепак, подршката од граѓаните и невладините организации им влева надеж дека овој проект може да стане реалност.