За тие кои не знаат, постои едно движење наречено трансхуманизам кое во својата основа е ангажирано околу подобрување на човековите природни способности со технологијата, а на крајот можеби и спојување и целосна киборгизација на луѓето.
Ова ќе биде остварливо во блиска иднина земајќи ја предвид брзината на развитокот на технологијата. Етичките прашања околу тоа се поставуваат и одговараат низ процесот. Техничките перспективи, пак, на изведба го имаат својот зачеток во последните две-три децении.
Во таа смисла, Tech Tats се една од идеите кои импресионираат со нивната едноставност и применливост. Многу луѓе се тетовираат, но тоа се „глупи“ тетоважи. Многу наскоро ќе имаме и „паметни“ тетоважи кои нема да имаат само естетски ефект туку ќе имаат и вградена напредна електроника која ќе можеме да ја носиме каде сакаме.
Идејата е на Chaotic Moon Studios кои сакаат да направат револуција во преносната технологија. Преку паметна тетоважа ќе можат да се инсталираат сензори, чип за идентификација или за плаќање, отворање врати и така натаму. Според студиото, постојат илјадници причини да се биде оптимистичен околу нивната идеја (што не може да не се забележи од видеото).
Сепак, мора да се биде супервнимателен со оваа технологија имајќи предвид дека истата може да доведе до огромно нарушување на човековите права, особено правото на приватност и контрола на личните податоци, ќе биде подложна на хакирање и во секој случај ќе потсеќа на „прекрасно“ изведена верзија од „1984“. Во исто време доаѓа и фактот дека кожата постапно се менува, па тетоважите би биле најчесто привремени.
Затоа и спомнавме во насловот дека оваа технологија ветува многу. Под тоа мислевме дека ветува многу и во позитивна и во негативна насока, а како ќе се (зло)употреби зависи од нас и нашата свесност и обѕирност.
Извор: Geek, SciFi Tech Today