450853983

Се наоѓаме на прагот на една друга технолошка револуција за која помалку се слуша, барем на аналитички начин неоптоварен со незнаење. Се работи за револуцијата во генетиката со која наскоро ќе можеме да уредуваме гени по волја и да ги гасиме или менуваме. Веќе звучи страшно нели?

Една алатка која неодамна ја откривме како човештво е т.н. CRISPR, што доаѓа од Clusters of Regularly Interspaced Short Palindromic Repeats. Во основа се работи за механизам позајмен од бактериите и архаеата кој кај нив врши имунолошка функција преку препознавање и отсекување на лоши гени (најчесто донесени од други организми, како вируси) од ДНК.

Со оваа алатка научниците веќе создадоа изменет човечки ембрион, а се најавува и борба против маларијата преку генетски изменети комарци. Сега за прв пат е демонстрирано успешно гасење на лоши гени што резултира во престан на одредена болест или негативна појава, во овој случај фацијална мускулна дистрофија. Секако, ова е изведено на лабораториски модел, а не на жив човек.

По уредувањето на гените кои доведуваат до оваа генетска болест без лек, научниците успеале да го постигнат бараниот ефект т.е. да престанат клетките систематски да ги ослабуваат мускулите и нервите. Засега ефикасноста е 50%, а покрај феноменалниот потенцијал на оваа технологија да уништи еден куп болести и појави, има феноменален потенцијал да овозможи развивање на биолошки оружја и создавање на абоминации поради погрешно уредување на ембриони или пак создавање на совршени деца за богаташи.

Етичките дилеми се јасни, па ќе видиме како ќе се развива ова прашање понатаму.

Извор: Huffington Post, Engadget

Претходна статијаTech Tats се „паметни“ тетоважи кои ветуваат многу
Следна статијаX6 и X6 Plus се новите модели на Vivo кои неодоливо потсетуваат на iPhone