Авионската индустрија долго време е во фазата на еволуција, а не револуција. Повеќето иновации кои се појавуваат ги подобруваат работите кои веќе постојат. На пример, поголем простор за нозе, подобри сензори за позиција и брзина, подобар материјал за тркалата и крилјата и така натаму.
Сепак, некој од производителите знае да не` изненади со некоја нова и интересна иновација. Во овој случај на компанијата Airbus и` беше одобрен патентот за заменливи авионски кабини. Се работи за цели кабини големи колку делот за патници кои ќе бидат натоварени со патниците уште пред да дојде авионот во позиција.
Голем кран ќе ја земе кабината од авионот и ќе ја спушти долу овозможувајќи им на патниците да излезат, а потоа ќе ја земе новата и ќе ја качи на истото место, штедејќи значително време во процесот. Ова е битно бидејќи секое стоење на авионите е всушност изгубено време за авиокомпаниите поради тоа што авионот е „неупотреблив“ за неговата главна дејност – правење пари од смачкани патници во супертесни кабини, исто така познато како „летање“.
Концептот е интересен, но секако има неколку логистички и технолошки „дупки“. Кабина која може да се извади од авион веројатно станува малку поопасна бидејќи нема да може да биде исто толку цврсто интегрирана во трупот на авионот. Понатаму, потребно е да се изгради потребната инфраструктура за да може ова да функционира како кранови, нови видови на излези и влезови во аеродромите, нови типови на авиони и кабини и така натаму.
Позитивното е што во случај на пад авионот ќе може да ја ослободи патничката кабина која ќе може да примени некакви мерки на заштита, како на пример, воздушни кочници со огромни падобрани.
Извор: Stuff.co.nz, The Verge