Иако веќе повеќе од една деценија живееме во револуцијата на анимираната видео 3Д уметност, анимацијата на карактерите за потребите на анимираните филмови се` уште содржи многу проблеми и потешкотии за аниматорите и графичарите. Изгледот на карактерите за некое време ќе постане толку фотореалистичен што нема да се приметува разлика меѓу нив и вистинскиот свет (што веројатно ќе придонесе да се пренесе таа фотореалистичност во идните виртуелни светови кои ќе ги конструираме). Но самата анимација се` уште пати од одредени недостатоци, особено кога се симулираат веќе постоечки живи суштества за кои знаеме како изгледаат од реалниот живот.
Па така, очите се едни од деловите на телото кои бараат многу труд за да нивната анимација биде реалистична и да не се појави чувство кај гледачите дека нешто не „штима“ или не изгледа природно. Затоа истражувачите и аниматорите од Disney Research „лабораторијата“ моментално работат на еден проект кој треба да доведе до далеку пореалистични анимирани очи кои програмабилно ќе се контролираат, намалувајќи ја потребата на аниматорите да вложуваат многу мануелна работа за да го постигнат посакуваниот реалистичен ефект.
Новите анимирани очи ќе ги содржат сите есенцијални елементи на биолошките очи кај луѓето и животните – белка (по потреба ишарана со крвни садови), шареница и зеница. Самите очи ќе бидат подвижни во сите нормални правци како природните очи, нивната шареница и зеница ќе се стеснуваат и шират како реакција на изложеноста на светлина, симулирајќи ги вистинските. Па дури и формата на анимираните очи ќе биде слична на природната, со природното испапчување кај рожницата и со природниот сјај кој го има окото.
Ова ќе доведе до поверодостојно пренесување на анимираните ликови и нивно доближување до гледачите без да им се всади (најчесто) потсвесно чувство дека нешто не е во ред со очите на карактерите и дека изгледаат неприродно, студено или роботски.
Извор: Engadget