Едвард Сноуден, човекот кој го ризикуваше својот живот, се откажа од плата од 200.000 долари и се оддели од своите најблиски со цел да му стави до знаење на светското население на кој начин се злоупотребуваат нивните лични податоци, во една прилика го откри својот најголем страв: дека неговите постапки ќе бидат залудни. Тој замислува сценарио во кое неговите откритија ќе бидат пресретнати со апатија од пошироката маса на луѓе и дека како резултат на тоа, нема да се поттикне поширока дебата за важноста на приватноста, при што ништо нема да се смени, а неговата жртва ќе биде заборавена.

Тие нема да бидат подготвени да ги преземат неопходните ризици за да се борат со цел работите да бидат променети и да ги принудат своите претставници да се вложат во заштитата на нивните интереси.

Сепак, едно ново глобално истражување кое се фокусира на безбедноста на интернет и довербата на граѓаните во меѓународните организации во Пост-Сноуден ерата, го покажува токму спротивното. Истражувањето е спроведено од агенцијата Ипсос, под покровителство на Центарот за меѓународно управување со иновации (CIGI), а во неговите рамки биле анкетирани повеќе од 23.000 испитаници во Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Велика Британија, Јапонија, Полска, Турција, САД и повеќе други земји.

Резултатите од ова истражување покажуваат дека голем број на луѓе низ светот (60 проценти од вкупниот број испитаници) имаат слушнато за Едвард Сноуден, а една третина од нив (39%) презеле чекори за да ја заштитат својата приватност и безбедност на интернет, како резултат на неговите откритија. Би сакал вакво истражување да биде спроведено врз многу поголем број на луѓе, на пример 200 илјади испитаници ширум светот, за да се добијат поверодостојни податоци. Сепак, занемарувајќи го моето желбено размислување, сметам дека и ваквиот примерок ги покажува тенденциите во начинот на кој размислува светското население.

Не можеме да очекуваме позитивни резултати во 100% од случаите, но бројката од 14.000 луѓе кои презеле акција како резултат на откритијата на Сноуден е за голем поздрав. Љубопитен сум кои би биле резултатите од истото истражување доколку биде спроведено во нашата земја. Верувам дека бројката ќе биде далеку помала од 60 проценти кои чуле за овој храбар човек, а далеку помала во категоријата на луѓе кои презеле постапки за заштита на својата интернет приватност.

Доколу се осврнеме на резултатите добиени во поединечни земји, ќе видиме дека бројките во голема мера варираат од земја во земја: дури 94 проценти од германските испитаници чуле за Едвард Сноуден, во споредба со 76 проценти од американските испитаници. Сосема очекувано, ако се земе во предвид фактот дека NSA го прислушкувале дури и мобилниот телефон на Ангела Меркел.

Дополнително, германската нација важи за една од посвесните нации кога станува збор за заштитата на својата приватност, со оглед на минатите авторитарни режими кои масовно ги прислушкувале нивните секојдневни комуникации. Нивната разумност се одразува и во резултатите од истражувањето, при што 15 проценти од германските испитаници веруваат дека нивните приватни информации се сигурни на интернет, а само 13 проценти би му ја довериле на САД задачата на водење на интернетот (наспроти 50% кои би им ја довериле истата задача на Обединетите Нации).

Од сиве овие информации можеме да заклучиме дека постапките на Сноуден вродиле со плод, без разлика на навидум нискиот број на испитаници кои презеле акција за да ја подобрат својата интернет приватност. Тоа што тој успеа да го стори е да го покаже лицемерието на светските власти и да ги претвори граѓаните во политички чинители кои засилено бараат одговорност од лицата на позиции на моќ. Стравот на Сноуден, за среќа, по се изгледа нема да биде остварен.

Претходна статијаДизни работат на супер реалистични очи за своите анимирани филмови
Следна статијаФАРМА – CodeWell со нова апликација на Apple Store