14595-optical_news

Компјутерската технологија напредува со незапирлива брзина. Тоа што беше неверојатно во осумдесеттите веќе денес е смешно да се помисли. Ова доаѓа од генералното следење на Законот на Мур кој во својата оригинална верзија гласи дека на секои две години се дуплира бројот на транзистори во електричните кола (како микропроцесорите).

Но денешната стандардна технологија за создавање на процесирачките единици користејќи цврсти полупроводници и нивна комуникација преку метални врски веќе почнува да ги покажува своите недостатоци. Обично врските меѓу различните делови на микропроцесорите и меѓу сите компоненти во компјутерот се направени од метали кои имаат горна граница на брзината на патувањето на електричниот сигнал, која е некаде околу половина од максималната брзина на светлината (во бакарна жица и во зависност од нејзината дебелина и бројот на преносни спојки).

Токму затоа истражувачите од Стенфорд Универзитетот имаат работено на развивање на алтернативната технологија за пренесување на податоци – светлината. Тие во својата работа имаат направено одреден тип на оптичка врска како микронска призматична структура направена од силикон. Оваа структура која личи на баркод има способност да ја насочува светлината со различна бранова должина на различни правци (лево и десно). Научниците имаат употребено алгоритам кој бил создаден од компјутерска програма, за да ја создадат призматичната структура по нивна желба т.е. во однос на тоа кои точно бранови должини од светлината да ги пренасочува по посебната патека.

 

Со ваквиот развиток тие успеале да создадат светлосен разводник кој е од особено значење за развитокот на технологијата на оптичка комуникација бидејќи овозможува во еден оптички сигнал да се сместат повеќе слоеви на податоци кои потоа можат да се одвојат кон различни места внатре во електронските компоненти (како на пример, идните оптички микропроцесори), што заедно со огромната брзина која ја имаат фотоните, ќе овозможи значително зголемување на брзината на комуникацијата во самите компоненти и еден еволуционен скок кон побрза и поевтина електроника.

Воедно, да се стимулираат фотони да патуваат и да пренесат информација бара помалку енергија од стинулација на електрони да патуваат низ спроводник, што значи дека со ваквата технологија ќе се намали и потрошувачката на енергија, правејќи ги преносните уреди уште попреносни, а компјутерите помалку ќе се загреваат и колективно ќе ја намалат сметката за електрична енергија.

Овој уред кој го направиле истражувачите од Стенфорд е еден од клучните компоненти потребни за развитокот на оптичката информациона технологија. Тие успеале да го поврзат ваквиот призматичен уред со регуларните оптички компоненти кои се користат и денес, што демонстрира применливост на овој нов концепт на пренесување податоци преку светлината.

Извор: Engadget, Стенфорд Универзитет

Претходна статијаBlackphone ќе добие своја продавница за апликации со акцент на приватноста
Следна статијаДизни работат на супер реалистични очи за своите анимирани филмови