Иднината која пред 10-тина години ја гледавме во Sci-Fi филмовите, доаѓа побрзо отколку што очекувавме. Денес веќе има исклучително евтини смартфони кои имаат вградено читач за отпечаток на прстот, а новите Lumia 950-ки можат да ја скенираат и зеницата на окото. SonicTouch, компанија од Флорида, не носи уште еден чекор понапред – нивниот читач за отпечатоци на прсти може да скенира и преку стакло, односно може да се вгради и во дисплеите.
Ова во принцип значи дека уредите од иднината нема да мора да имаат посебен дел каде ќе го ставите прстот за да биде скениран – тоа ќе се прави само со ставање на прстот на дисплејот. Ова е овозможено благодарение на тоа што новата технологија работи преку ултразвук, кој може лесно да пробие преку многу материјали, а ќе може да ги препознае контурите дури и ако прстот ви е извалкан или испотен.
Технологијата на SonicTouch ја карактеризираат и многу мали димензии, што значи дека ќе може да се вградува во секакви IoT уреди. На пример, може да се вгради во мал клуч за вашиот автомобил, кој ќе работи само кога вие ќе го допрете со прстот. И не само тоа – од SonicTouch велат дека нивниот скенер може да се вгради и во актуелните уреди, без да има потреба од менување на нивниот фундаментален дизајн.
Уредот на SonicTouch автоматски ќе ги преработува податоците добиени од скенирањето преку посебни алгоритми, што значи дека нема да му треба ниту посебен софтвер за да работи – како на пример Android или iOS.
Се уште нема официјална информација од SonicTouch кога оваа технологија ќе ја видиме во некој уред, но во првото тримесечје на наредната година ќе биде лансиран посебен програм за дивелопери, што значи дека не сме многу далеку од таквите уреди.
Извор: The Next Web, Digital Trends