Системот, наречен Pulse, е развиван од страна на University of Oulu од Финска. Тој во основа го користи сензорот за магнетно поле за да комуницира со електромагнет поставен во друг уред. Ваквите сензори веќе ги има во повеќето паметни телефони и тие се користат за компас апликациите, односно за одредување на насоката на уредот.
Моментално паметните телефони користат технологии како Wi-Fi или Bluetooth за да се поврзат едни со други со цел за размена на податоци. Друга технологија која што стана популарна во последните години и се очекуваше дека ќе биде масовно користена за претворање на телефонот во платежно средство е NFC. Оваа технологија за разлика од Wi-Fi или Bluetooth, кои што функционираат на поголемо растојание на база на откривање на двата уреди помеѓу себе, функционира преку поврзување на двата уреди на база на нивната близина и поради тоа не е потребно внесување на шифри и кодови.
Pulse системот функционира на начин кој што е сличен со NFC, но нуди одредени предности. За разлика од NFC кој што функционира на растојание до 20 сантиметри, Pulse најголемото растојание кое што може да го овозможи е до 2 сантиметри. Тоа можеби звучи како недостаток, меѓутоа токму оваа карактеристика го прави посигурен од другите технологии. Поради многу малото растојание потребно за поврзување со друг уред, шансите за пресретнување на комуникацијата од друг уред се значително помали. Тоа значи дека овој систем треба да биде многу посигурен, нешто што е важно доколку се користи за авторизација при плаќање на производи. Брзината со која што овој систем може да комуницира е 44 битови во секунда, што е малку, но доволно за намената која што би ја имал.
Овој систем неговите развивачи, покрај како замена за NFC го гледаат и како замена за QR кодовите. Корисниците наместо да ја користат нивната камера за да добијат кратка информација од QR код, истото би можеле да го прават со Pulse системот. Предноста на овој систем би била тоа што информацијата би можела по потреба да се менува, за разлика од QR кодовите кои што еднаш ставената информација е фиксна и менувањето е можно само преку поставување на нов QR код.
Извор: Engadget, New Scientist