Volvo постојано изненадува со своите новитети и интересни автомобили, но неодамна објавија фасцинантен проект кој може да предизвика голема заинтересираност во автомобилскиот свет. Многу производители на автомобили се сконцентрирани на изнаоѓање начин за полесно управување и паркирање на возилата. Но, слично на автомобилот од Google и тука станува збор за самоуправувачки автомобил во проектот Drive Me – Self-driving cars for sustainable mobility на Volvo.

volvo-1

Поддржан од страна на Шведската агенција за транспорт, Технолошкиот парк Lindholmen, градот Gothenburg и Шведската влада, со овој проект се има за цел да се произведат 100 автономни автомобили кои ќе се користат на јавните патишта и во секојдневниот сообраќај во Gothenburg. Главната идеја е да се посочат општествените придобивки од автономното возење, но и поголема промоција на Volvo, како лидер во развојот на автомобилите на иднината.

Технологијата на овие автономни автомобили е базирана на магнетни сензори. Во секој автомобил ќе има поставено магнетен сензор кој ќе комуницира со магнетот поставен на патот по кој се движи автомобилот. Со помош на оваа метода, ќе може да се одреди позицијата на автомобилот и да му овозможи да ја држи правилната насока во рамките на ширината на патот. Магнетите кои ќе се постават на патот имаат големина од 40mm x 15mm и ќе бидат вметнати на 200mm под површината на патот.

volvo-2

Овие магнети овозможуваат ефикасно позиционирање, односно еден вид на нова технологија за позиционирање која работи во сите услови. За разлика од другите технологии како GPS кој не функционира во тунели и одредени средини, тука го нема тој проблем. Намалување на ширината на патот и можноста за избегнување на објекти кои се закопани во снег се едни од придобивките на оваа нова технологија.

Со овој проект, иницијаторите се надеваат дека ќе се намалат сообраќајките на патиштата, гужвата, но и потрошувачката на гориво. Би можеле да придонесат и за други социјални и економски придобивки, со што би се подобрила ефикасноста во сообраќајот, но и влијанието врз животната средина. Првиот ваков автомобил се очекува да пристигне во Gothenburg во 2017.

Претходна статијаFacebook Audience Network, платформа за рекламирање надвор од мрежата на Facebook
Следна статија’’Соларно гориво’’ за авиони, произведено од вода и јаглерод диоксид