landscape-1442412515-g2015-0203

Во уште еден „обид да се пороби човештвото и човековите работници“, Volvo работи на систем од роботи кои ќе ви ги чистат кантите за ѓубре пред домот.

Се работи за т.н. ROAR – Robot-based Autonomous Refuse, или РАЃ – Роботизирани автономни ѓубреџии (во слободен превод). Идејата на овој систем е да бидат прикачени за камионот на (се` уште) човекот-ѓубреџија кој го вози и кога ќе пристигне до кантите за ѓубре пред нечиј дом, да ги активира роботите. Тие автоматски ќе ги земат и испразнат кантите, а потоа ќе ги вратат чисти на место.

РАЃ / ROAR е проект во соработка од неколку ентитети: Renova, компанија за рециклирање на одмет, Чалмерс и Меларден Универзитетите од Шведска и Пен Стејт Универзитетот од САД. Вклучувањето на толку научни институции секако ќе придонесе за надградба на спознанијата околу роботиката, што веројатно е и една од целите на проектот.

Предводник на проектот е, како што спомнавме, Volvo. Според водачот на проектот Пер-Лаж Гитвал, ова е само уште едно остварување на иднината со повеќе автомација која ќе овозможи „… начин за зголемување на фантазијата и тестирање на нови концепти кои ќе ги оформат транспортните решенија на иднината“.

Според Renova, ваквите автономни роботи-ѓубреџии ќе бидат тестирани на специјално возило кое моментално го дизајнираат, во 2016 година. Што би значело дека наскоро (по неколку децении од сега) ќе можеме да ги видиме ваквите роботизирани ѓубреџии во акција и кај нас каде што веројатно ќе имаат доста работа.

Извор: The Verge, Popular Mechanics

Претходна статијаSamsung спрема телефон со екран на преклопување
Следна статијаФинална пресуда: Машини vs. работни места?