Развојот на технологијата во денешно време иако голем, во главно се состои од подобрување и усовршување на веќе постојната, но ретко во нешто што навистина ги менува работите. Технологијата на 3D печатење е една од оние технологии што дефинитивно може да се каже дека е револуционерна или барем ќе биде кога ќе биде развиена до нејзиниот потенцијал.
Сепак, технологијата на 3D печатење може да се каже дека е до некаде ограничена. Таа во главно може да користи еден материјал при печатењето на предметите, што во оваа фаза иако интересно, ги ограничува потенцијалните работи кои што можат да бидат печатени. Развојот на оваа технологија ќе овозможи многу од работите кои што се прават во посложени развојни процеси, да се прават преку принтери.
Истражувачи од Princeton University имаат успешно развиено принтер кој што користи 5 различни материјали и со него имаат испечатено LED сијаличка. Поточно се работи за понов вид на LED наречен QDLED, односно Quantum dot LED. Овие LED сијалички се слични со OLED и сметаат за наредната генерација во напредокот на оваа технологија. Тие се сметаат за поекономични, даваат подобра светлина, а исто така се еластични.
Печатењето на овие LED сијалички е направено преку користењето на електроди, полимери и полуспроводници кои што се испечатени во 5 слоја за да ја формираат сијаличката.
Развојот на овој принтер траел околу 6 месеци и за него се потрошени околу 20.000 долари. Иако се’ уште во развојна фаза, се очекува ваквите принтери да овозможат имплементирање на технологија на досега недостапни или тешко достапни места.
Се очекува вклучување на екран во леќите за очи, на пример, вклучување на соларни ќелии на досега недостапни места, како и други видови на електроника. Можностите се разбира се многу, па останува само да го видиме резултатот од развојот на технологиите што го гледаме денес.