reshapingthe

Сончевите панели (плочи) се скапа технологија. Тоа е поради фактот што нивната ефикасност е многу ниска (според некои извори, повеќето сончеви панели се од 11-14% ефикасни во претворање на фотоните во движење на електрони). Тоа значи дека за навистина да бидат искористиви тие често мора да покриваат огромни површини, а со тоа таа површина е практично неискористива за други намени, како на пример, полјоделство.

Дел од проблемите со сончевите панели доаѓаат поради природата на материјалите кои се користат во нив, и кои обично се базираат на силициум или кадмиум телурид, кои практично ја претвораат енергијата само од видливиот спектар кој допира до земјата, „игнорирајќи“ го инфрацрвениот, ултравиолетовиот и другите.

Сепак, научниците не се откажуваат па деновиве сме сведоци на ново откритие кое ќе овозможи зголемување на ефикасноста на сончевите панели дури до 30%. Се работи за нов, хибриден материјал со чија помош може да се искористат и фотоните во инфрацрвениот спектар за да се придвижат електрони со нив – и така да се зголеми енергијата која е претворена во електрична.

Се работи за комбинација од органски и неоргански материјали. Неорганските се кадмиум селенид и полуспроводнички нанокристали од олово селенид; а органските дифениллатрацен и рубрен. Со помош на неорганските материјали научниците направиле успешно впивање на инфрацрвените фотони.

solel-solar-panel-field-photo-aerial

И тука доаѓа всушност трикот. Имено, инфрацрвените зраци не се доволни за да активираат електрон да почне да се движи бидејќи немаат доволно енергија, но со помош на органските материјали кои ги искористиле научниците тие успеале да изнајдат начин да ги комбинираат инфрацрвените фотони во такви со поголема енергија. Во експериментот, два инфрацрвени фотона со бранова должина од 980 нанометри се претвора во еден фотон со бранова должина од 550 нанометри, или фотон со скоро двојно поголема енергија.

Ваквите фотони со поголема енергија потоа успешно активираат дополнителни електрони, придонесувајќи за создавање на поголем проток на електрична енергија по површина на сончев панел. Според Кристофер Бардин, професор по хемија на Универзитетот од Калифорнија, овој трик може да овозможи зголемување на ефикасноста на сончевите панели и до 30%, како што пишавме погоре, бидејќи ја зема неискористената инфрацрвена светлина и ја претвора во електрична, нешто што стандардните сончеви панели не го прават.

Тоа би значело дека полињата со сончеви панели нема да треба да се зголемуваат, туку веќе на постоечката површина да се заменат со вакви, поефикасни панели кои ќе даваат повеќе енергија.

Извор: Inhabitat, Phys.org, Engadget

Претходна статијаMicrosoft лансира “qwerty” тастатура за Xbox One, која може да се смести во џојстикот
Следна статијаАвтомобилско столче управувано со рачни гестикулации