Големите компании како Apple патентираат се` живо и диво, ослонувајќи се на идејата дека некогаш нешто од тоа ќе можат да го употребат во иднината. Сепак, можеби најновиот патент од Apple ќе биде искористен доста брзо во иднината.
Се работи за патент кој беше доделен на оваа компанија, а кој се однесува за употребата на водородни ќелии како извор на енергија во нивните уреди. Во самиот патент има референца до MagSafe конекторот кој се употребува од страна на MacBook, што веројатно ја открива насоката во која тие би сакале да го применат.
Самиот патент вклучува дека ваквата „батерија“ составена од водородни ќелии и резервоар за горивото, би можеле да обезбедат енергија доволна за работа цела недела, па и повеќе. Тоа секако е згодно решение за денешната очајна состојба на батериите во уредите, домен во кој напредокот како да е доста бавен.
Ако се сеќавате, пред некое време пишувавме за компанијата Intelligent Energy која експериментираше токму со вградување водородни ќелии во iPhone 6, кои го овозможуваат истото – времетраење на полнежот на батеријата од цела недела. Со оглед на тоа што развитокот кон употреба на водород како гориво станува се` поактивен, ќе може да очекуваме поголема примена на оваа еколошка технологија, а воедно и намалување на цената на горивото.
Доделувањето на вакви патенти на гиганти како Apple е добар чекор во таа насока.
Извор: ZDNet, Apple Insider