Секој кој макар и аматерски се занимавал со проучување на основите на материјалното физичко постоење знае дека постојат две главни теории кои ги објаснуваат микро и макро-светот. Тоа се квантната механика и теоријата на релативитет. Тимот на професорот Вилфрајд Нуртерхеузер од Институтот за нуклеарна физика ТУ Дармштад обезбеди уште докази за нивната исправност при експериментите изведени во ГСИ Хелмхолц центарот за истражување на тешки јони.
Имено, овој тим, користејќи забрзани тешки јони до одреден значаен процент од брзината на светлината, а потоа осветлувајќи ги со ласер, успешно ги потврдил предвидувањата на релативистичките ефекти при такви огромни брзини, а воедно ги потврдил и предвидувањата за спектрална линија кај високо-наелектризирани бизмутски јони кои се во потрага повеќе од 14 години.
Инаку, според предвидувањата на Ајнштајновата теорија на релативитет, при патување со значаен процент од брзината на светлината треба да се појавуваат релативистички ефекти при што времето за „патниците“ би течело побавно него времето за тие што ги набљудуваат. Колку е поголема брзината толку ваквиот ефект е поизразен. Токму тоа го имаат потврдено научниците при забрзување на тешките литиумски јони во ЕСР прстенот при ГСИ, при што се појавила временско развлекување (дилација) измерена на 34% од брзината на светлината.
Технологијата која се користи во ваквите мерења се базира на залетување на тешките јони и нивно осветлување со ласер, притоа обидувајќи се да се постигне флуорeсценција (емитување на светлина). Ваквото емитување може да се постигне континуирано само ако двата ласера кога го стигнуваат јонот имаат иста фреквенција. Разликата меѓу потребната фреквенција во ласерите го одредува временското развлекување. Инаку користејќи ги релативистичките ефекти на патувањето на огромни брзини теоретски може да обезбеди човечки екипаж да ја пропатува целата наша галаксија во еден животен век, под услов нивното летало постојано да ја зголемува својата брзина, да се пронајде начин како да не се удри во вселенски материјал и да прифати самиот екипаж дека кога би се вратил на Земјата по милијарди години работите ќе бидат целосно сменети.
Во вториот експеримент научниците забрзале јони од бизмут на брзина од 71% од брзината на светлината и исто така ги осветлиле со ласер за да се детектира резонанцата на нивната флуоресценција. Со овој експеримент ја потврдиле долго-очекуваната транзиција кон флуоресценција која е предвидена со квантната електродинамика.
Двата експеримента ги потврдуваат основите на денешното сознание за природата на материјалниот свет. Иако нема консензус околу начинот на поклопување и спојување на двете теории во еден стандарден модел на физиката, постојат големи напори кон истото. Ваквите експерименти се дел од тие напори кон објаснување на природата на работите и резултатите можат да се искористат кон подобрување на технологијата на комуникација, вселенски патувања, квантните компјутери и многу други области.
Извор: Phys.org