Хибернација - SpaceWorks, NASA
Хибернација - SpaceWorks, NASA
Хибернација – SpaceWorks, NASA

Според истражувањата на НАСА, ако имате желба да го посетите Марс, а во исто време не сакате да си го скратите сонот, вие сте идеален кандидат за токму таква мисија (секако треба да исполните и други услови како што се: да не пушите и пиете, редовно да вежбате, да бидете психолошки врамнотежени, да знаете како да поправите сончев колектор во нулта гравитација и слично). Програмата SpaceWorks е програма која се занимава со човечка посета на Марс. Токму во планирањето и анализите на ваквиот подвиг се дошло до сознание дека 180+ дневниот пат до Марс може да се истрпи полесно ако екипажот е во стаза (stasis), во која физиолошките процеси ќе бидат забавени.

Имено, идејата е позајмена од медицинската примена на стазата при третман на пациенти на кои треба да им се одложи операцијата или да се забави нивниот метаболизам. Истата е позајмена и во многу научно-фантастични филмови, книги и игри. Во изведбата која НАСА ја разгледува, секој член би имал цевка во носниот отвор низ која ќе протекува ладен неотровен гас. Во текот на 6 часа телесната температура може да се смали до 31-34 степени целзиусови, забавувајќи го метаболизмот, ставајќи го членот во длабок сон и намалувајќи ја потребата за хранливи материи (кои би се доставувале интравенозно). Според пресметките ова би требало да придонесе до огромно намалување на товарот кој треба да се пренесе преку такво вселенско возило и тоа од 400 до 220 тона, што значително би ги намалило трошоците за изведба на патувањето. Исто така, соочени со предизвикот на зачувување на мускулната маса на вакви патувања во непостоечка гравитација, се предложува и поставување на средина со мала гравитација која ќе помогне во оддржувањето на мускулите на екипажот како би биле корисни кога ќе заврши патувањето.

Ефектите на толку долга стаза не се набљудувани досега бидејќи обично се применува на пациенти на кои им треба 7-10 дневна хибернација и не се знае дали е изведлива стаза која би траела 180, или барем и 90 дена. Но првичните наоди влеваат одредена доза на оптимизам дека истото е изведливо без скоро никакви негативни ефекти кон луѓето.

Ваквиот начин на патување ќе придонесе кон полесно остварување на праќањето луѓе на Марс што е во умовите на многу љубители на вселенските истражувања (меѓу кои веројатно најбогатиот од нив, Елон Маск, сам вложува во токму таква програма која треба да овозможи праќање луѓе на Марс во следната декада).

Извор: CNet, Discovery News

Претходна статија“AAA” сака да и забрани на Siri да зборува со возачот
Следна статијаВо тест надувувачки вселенски модули од страна на Bigelow