Последните неколку години, главен акцент од страна на автомобилската индустрија е ставен на електричните автомобили. Нашата неодамнешна објава за евтините електрични автомобили од Tesla е само еден пример за тоа од колкаво значење се и колку можат да влијаат врз продажбата на стандардните автомобили со мотори со внатрешно согорување. Иако трендот е насочен кон некористење на гориво, сепак Toyota со својот нов Free Piston Engine Linear Generator (FPEG) прави комбинација од сегашната технологија и воведува на пазарот нов хибриден мотор/генератор.
Ваков вид на линерани мотори веќе неколку години константно се развива, но оваа верзија која ја предлага Toyota можеби е прва која може да функционира во вистинско возило. За разлика од традиционалните мотори со внатрешно согорување, линеарните мотори немаат вртлива оска, туку една голема комора во која што горивото гори и го турка клипот напред/назад.
Клипот во овој мотор има магнетно капаче во форма на буквата W, кое е сместено во посебен дел поврзан со статорските намотки. Секој удар на моторот го придвижува капачето нагоре надоле низ комората. Пермаментните магнети кои поминуваат низ намотките резултираат со генерирање на електрична енергија, која потоа може да се користи за напојување на возилото, односно полнење на батеријата на хибридниот автомобил. Дизајнот е многу поедноставен од традиционалните мотори и може да се користи во комбинација со други системи.
За жал овој мотор развива моќност од 10 kW, односно околу 13 КС што не е доволно да се постигне голема брзина. Поради оваа причина, Toyota сака најпрво оваа технологија да ја имплеметира во супер лесни патнички возила, па во иднина сите хибридни возила на Toyota да го имаат овој мотор.