Секојдневно светот околу нас станува се попаметен, имаме паметни автомобили, паметни телефони, паметни куќи, паметни очила, па не е ни чудна веста за најновиот паметен велосипед. Valour од Vanhawks е првиот сензорски паметен велосипед кој е специјално дизајниран за сигурност на велосипедистите.
Навидум овој велосипед изгледа исто како стандардните, но неговите карактеристики и вградената електроника го прават најсигурен велосипед во светот. Неговата рамка е направена од јаглеродни влакна и тежи само 7 килограми. Во неа има вградено Bluetooth 4.0 преку кој велосипедот се поврзува со посебна апликација, компатибилна за различни оперативни системи како iOS, Android или Pebble.
Во Valour се вградени голем број на сензори, акцелометар, магнетометар и сензор за брзина. Отчитувањата од овие сензори може да се видат на посебната апликација и тоа информации од типот колку килограми се согорени, со колкава брзина возите, колкаво е растојанието до крајната дестинација, но и предупредувања за присуство на друго возило. Целата електроника која е вградена самостојно се напојува преку Supernova Infinity S Front Dynamo Hub, уред кој е поставен на предното тркало на велосипедот.
Со овој велосипед следи и целосна навигација, односно во апликацијата потребно е да ја внесете крајната дестинација и со помош на LED индикаторите кои се вметнати во рачките на велосипедот, паметниот велосипед ќе ве насочува на правиот пат. Овие вградени сензори ќе ви помогнат да го следите патот по кој се движите и да ви сугерираат алтернативи за полесен премин, односно да избегнете скали или брда.
Од Vanhawks се надеваат дека на Kickstarter ќе ги соберат потребните средства од околу 90.000 долари, за од октомври да започнат да го продаваат овој паметен велосипед.