Овој период стаклото некако зема замав иако се работи за материјал стар илјадници години. Предходно пишувавме за откривањето на нов тип на стакло преку нов метод на негово топење, стакло од глина отпорно на куршуми, патент на Apple за телефон целосно направен од стакло, а денес пишуваме за 3Д штампачи во врска со стакло.
Се работи за 3Д штампач создаден од истражувачите од Масачусетс институтот за технологија (МИТ) кој работи на температура од над 1.000 степени целзиусови. Штампачот е составен од два дела: првиот каде се чува стаклената суровина, на температура од 240 степени; и вториот кој го топи и го лее стаклото во разни форми, и кој работи на огромната предходно спомената температура.
Како што можете да забележите од видеото, штампачот го лее стаклото во каква и да е форма потребна, нормално ограничена од неговите карактеристики на ротација и поставување во простор. Стаклото може да се излее доста брзо, што е делумно резултат на можноста на новата технологија, а делумно на составот на самото стакло. Имено, се работи за мешавина од алуминиум, циркон и силикон, што автоматски го става надвор од достапност за денешните 3Д штампачки ентузијасти.
Засега не може да се предпостави корисноста на ваквиот пронајдок освен во доменот на создавање суперинтересни чаши и круни за светилки, но не се сомневаме во способноста на човештвото да му најде примена на овој изум наскоро.