Microsoft-Research

Еден од најголемите проблеми со кои што се соочуваат корисниците на паметната технологија е траењето на батеријата во нивните уреди. Порано кога мобилните телефони не беа толку паметни, батеријата можеше да издржи и до една недела, се разбира зависно од моделот на телефонот и начинот на користење од страна на корисникот. Меѓутоа денес, без разлика за кој модел се работи и колку корисникот го користи, доколку се работи за паметните телефони кој што се користат за многу повеќе од обично разговарање, тие траат по еден ден, а можеби и до 2-3 кај некој од моделите. Ова е така поради тоа што напредокот на технологијата на батериите е многу помал за разлика од напредокот на паметните телефони кои што бараат се повеќе енергија за нивните поголеми екрани со поголема резолуција.

Идејата на инженерите од Microsoft Research е да направат нешто околу траењето на батериите додека нивната технологијата не се подобри значително. Тие објаснуваат дека искористувањето на батериите не е ефикасно колку што би можело да биде. Тоа е поради фактот што батериите се користат на тој начин што доаѓа до поголем процент на губење на енергијата со што се губи и можноста за нивно што поголемо искористување. Од компанијата веруваат дека и со ова ниво на развој на батериите, тие можат да овозможат многу подолго време на користење преку оптимизација на нивното користење, како и оптимизација на софтверскиот дел.

Од Microsoft Research презентираа концепт на MIT Tech Review настанот кој што подразбира користење на две помали батерии, наместо една поголема. Ова ќе овозможи двете батерии да бидат оптимизирани за различни режими на работа, а со тоа тие ќе можат да го дадат својот максимум. Едната батерија би била користена во ситуации кога е потребно повеќе енергија за уредот, како на пример кога се играат игри. Другата батерија би се користела во ситуации кога уредот е во мирување или извршува работи за кои што не е потребна поголема количина на енергија. Од компанијата веќе имаат изработено прототип од ваква батерија и истата овозможува од 20 до 50 % повеќе траење за разлика од денешните батерии.

Другиот начин на подобрување на траењето на батериите е од страната на софтверот, односно на оперативниот систем и како тој ја оптимизира работата на апликациите. Концептот наречен E-Loupe ќе врши препознавање на ситуациите кога одредена апликација троши голем дел од батеријата во ситуации кога корисникот не ја користи истата. Во такви ситуации оперативниот систем ќе може да ја паузира или исклучи заднинската активност на апликацијата и со тоа да заштеди енергија.

Извор: Ubergizmo, MIT Technology Review

Претходна статијаGoogle ја купи Skybox сателитската компанија за 500 милиони долари
Следна статијаSwiftKey од денеска бесплатна за сите корисници, ќе се доплаќа за теми и додатоци
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.