microsoft-cortana-624x330

Оние кои ја следат технологијата знаат дека најголемиот интерес кај компјутерските научници денес е развојот на напредна вештачка интелигенција. Компјутерите сеуште оперираат на база на  програми (листа на инструкции) кои велат дека дека ако се случи ситуација А, тие треба да направат Б. Во видео игра тоа значи дека ако компјутерскиот играч здогледа противник, треба да го впери оружјето и да пука. Секако во пракса алгоритмите се многу посложени од примериве опишани горе, но се сепак само алгоритми – компјутерите немаат способност да мислат, размислуваат и сфаќаат работи, тие само извршуваат инструкции зададени од програмери.

Она што навистина ги возбудува сите научници низ светот е идејата дека еден ден ќе имаме вистинска интелигенција кај компјутерите. Затоа и не се зачудивме кога деновиве дознавме дека најголемиот дел од развојниот буџет на Microsoft се вложува во проучување на вештачката интелигенција, со тоа што моментална цел им е развивање на виртуелни асистенти кои вистински можат да го разберат корисникот. Технологијата моментално веќе постои во форма на прототип и е во фаза на тестирање.

Првата имплементација на оваа технологија ќе биде во Cortana, виртуелниот асистент за Windows Phone уреди. Она што е познато засега е дека овој асистент ќе може да зборува во машки или женски глас и дека би требало да е првиот асистент кој навистина разбира и сфаќа сложени прашања.

Ова е поприлично драматично тврдење ако се знае дека вештачката интелигенција досега само имаше способност да одговара на прости прашања, на пример “Кој е главниот град на Германија” или “Колку е сега саатот во Солун” – значи прашања каде компјутерот не треба да сфати или разбере нешто, туку само да поврзе факти.

Дали можеби тоа значи дека за некоја година ќе можеме да го прашаме мобилниот “Зашто не можам да ослабнам иако сум на диета”, и тој ќе ни одговори “затоа што не пешачиш доволно, а плус и не ги внесуваш сите ужини во програмот за калории!”? Можеби примеров се чини апсурден, но според она што го зборува Microsoft, нивните истражувачи развиваат вештачка интелигенција која ги следи и проучува и разбира нашите лични навики… Првата примена ја видовме пред некоја недела кога Microsoft се пофали со интелигентни лифтови кои предвидуваат на кој спрат би сакале да одиме според нашите навики и тенденции.

Навраќајки се на Cortana, виртуелниот асистент за Windows Phone – знаеме дека прво ќе се појави на Nokia Lumia моделите во Април. Другите информации за Cortana се навистина плитки е не јасно со кое ниво на интелигенција ќе се лансира овој асистент, ниту што се другите функции на Cortana. Засега повеќето експерти предвидуваат дека овој Windows Phone асистент би требало во најмала мера да нуди информации за времето, контрола на календарот, алармот, телефонските повици и контактите, односно да ги нуди истите основни функции како Siri од Apple.

Претходна статијаSamsung и Google склучија договор за взаемно користење на патент лиценците
Следна статијаMicrosoft SkyDrive се преименува во OneDrive