Технологијата на квантни компјутери се развива многу бавно, делумно поради тоа што многу од квантните феномени се` уште не ги разбираме, а делумно поради неможноста многу од дизајните технички да се изведат (или пак доволно прецизно).
Еден од проблемите е што сегашните рудиментирани квантни компјутери се изведуваат во огромни машини кои често зафаќаат цела соба и потсеќаат на првите компјутери (како на пр. ENIAC). За намалување на нивната големина често е потребно да се изнајде начин на минијатуризација на компонентите и ефектите кои можат да се постигнат со нив, особено земајќи предвид дека квантните компјутерски кола имаат потенцијал да постигнат супермали димензии далеку под ограничувањата на силиконско-бакарните кола.
Еден од тие ефекти е квантната телепортација, која има за цел да пренесе кубит-информација од еден фотон на друг. Тоа досега се изведуваше на огромни машини, но еден тим на истражувачи од Универзитетот од Бристол воден од проф. Џереми О`Брајан успеаа да создадат систем за квантна телепортација кој е сместен на само неколку милиметри површина, одеднаш значително решавајќи го проблемот на скалабилност. Нивниот систем работи преку имплементација на оптички кола на силиконски микрочип, преку користење на напредни нано-произведувачки методи.
По повод оваа вест професорот О`Брајан изјави: „Способноста да се реплицира оптичко коло, кое нормално бара оптичка табла голема колку цела соба, на фотонски чип е многу значајно достигнување. Практично, ние го намаливме многу сложениот квантен оптички систем за 10 илјади пати“. Ова се` уште не значи дека е постигнат целосно функционален квантен компјутер на таа големина, туку само еден од потребните оперативни процеси кои во иднина ќе се користат за ваквата технологија.
Денешната преносна технологија бара огромни перформанси да бидат сместени на многу мали уреди како телефони и таблети. За ова да биде изведливо, идната технологија на квантни компјутери мора да биде прилагодлива на овие големини. Ова значи дека мора активно да се работи на пронаоѓање на начини за изведување на колата и логичките единици на многу мала површина, далеку помала од сегашните кои се постигнати.